На помалку од еден месец пред распуштање на Собранието, што треба да се случи на 11 февруари и распишување на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат во април, партиите ги почнуваат активностите на терен.

ВМРО-ДПМНЕ од денеска на средби со граѓаните. Партијата ја почнува кампањата под мотото “Обновата пред вашиот дом” и „Мицкоски со граѓаните“.

„Од понеделник, 20 јануари, почнуваме со кампања „Обновата пред вашиот дом”. Тимови на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посетат вашите домови, ќе ги посетиме сите населени места, села и градови. Ќе разговараме со секој еден од Вас. Заедно со вас ќе ја поразиме оваа криминално-рекетарска банда на власт. Доаѓаме сега, но ќе дојдеме и по 12 април. Вие граѓаните сте причината за која работиме. Почнувајќи од викендот 25 и 26 јануари, тимови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат со посета на рурални средини, нема да има населено место од најмалото до најголемото, нема да има човек во Македонија што ќе остане непосетен. Исто така претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе започне кампања „Мицкоски со граѓаните“, каде во овој период ќе ги посети градовите, ќе разговара со граѓаните, еснафот, бизнисмените, земјоделците. Ќе се погледнеме очи во очи со граѓаните и ќе им се каже дека Македонија има и шанса и надеж и дека обновата доаѓа“, рече генералниот секретар Игор Јанушев.

Партиските активности ги ставија на маса и прашањата за изборните коалиции. Претседателот на СДСМ и експремиер Зоран Заев вели дека веќе почнале разговорите со актуелните коалициони партнери, но и со оние од албанскиот политички блок. Додека одлуката за нова коалиција за настап на изборите ќе се носи во највисоките партиски тела.

Нагласувајќи дека сепак не може да каже на што е подготвен Социјалдемократскиот сојуз во однос на коалицирањето со други партии, бидејќи такви одлуки носат органите и телата на партијата.

– Подготвен сум да разговарам со секого за идни соработки. Сум соработувал со сите политички партии како политичар. Сум соработувал за уставните промени, за законски решенија, за Преспанскиот договор и можам да разговарам со сите. Алијанса за Албанците беше и во Владата, со БЕСА, па дури и со помалите албански партии сме имале соработка, изјави  Заев.

Тој вели дека полека почнале да разговараат со речиси сите партии, а со владејачките партии со кои коалицираат имаат комуникација на дневна основа и разговараат за идни соработки.

– Остануваме отворени за соработка заради тоа што веројатно ние сме единствениот политички субјект, заради нашиот влог што сме го направиле во минатото, што може да соработува со сите, зборувам баш со сите, со владејачките, опозициските партии, секако освен со ВМРО-ДПМНЕ во делот на коалиции за Влада. Едниот останува опозиција, едниот е власт, но со сите други политички партии, може да соработуваме. Ќе носиме одлука според тоа што е најважно за државата, а после тоа како најдобро СДСМ ќе се позиционира во пресрет на победата која ја очекуваме, нагласи Заев.

Од албанскиот политички кампус засега е познато е дека ДУИ сама ќе оди на избори. Додека генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари најави дека наскоро ќе излезе со одлука дали ќе коалицира со Движењето БЕСА или Алтернатива.