СЕ КРЧКААТ ЗАКОНСКИТЕ РЕШЕНИЈА: За Матка и Водно ќе има строго заштитени зони

83

Заштитните зони за Матка и Парк-шумата Водно ќе бидат дефинирани во новите законски решенија што се изработуваат од страна на Министерството за животна средина. Заменик министерот, Јани Макрадули вели дека законот за заштита на пределот Матка е во понапредна фаза и наскоро очекува да влезе во владина процедура.

– За Матка е во понапредна фаза, завршено е зумирањето, подготвени се сите документи и се надевам брзо ќе влезе во владина процедура, изјави Макрадули пред почетокот на работилницата „Подготовка на Национален интегриран план за енергија и клима (НЕЦП)“ за периодот 2020 – 2030 година.

Тој градењето на дивоградби на Матка ги оцени како негативни бидејќи влијаат на природата.

– Тоа е недозволиво и нешто што мора да се регулира. Ние, како Министерство за животна средина укажуваме на заштитата на природата како најзначајна компонента во зачувувањето на околината на Скопје. Со законот што е во изработка ќе биде строго регулирано што може да се гради на Матка и на Водно. Очекувам и законот за заштита на Парк-Шумата Водно да влезе во владина процедура за конечно да се стават на законска основа, што се може да се прави, а што не во овие природни убавини – рече Макрадули.

Зоните за строга заштита, како и оние за активно управување и за одржлив развој ќе бидат дефинирани со законските одредби.

– Во секоја од различните зони ќе можете нешто да правите. Ќе постојат заштитени зони во кои нема да може ношто да се прави, додека во други ќе може да се интервенира за рекреација и за објекти – додаде Макрадули.