Се истражуваат причините за пожарот во комуналното претпријатие

95

Увидни екипи на Министерството за внатрешни работи од Штип и Скопје утрово вршеа увид и ги истражуваат причините за пожарот што во саботата вечерта избувна во стопанскиот двор на комуналното претпријатие „Водовод“ во Кочани.

Огнот зафатил трактор, возило за собирање комунален отпад, камион и дигалка „ивеко“, од кои едно е целосно опожарено и нефункционално.

Според информациите од Територијалната противпожарна единица во Кочани, станува збор за поголема интервенција во која поради запалување на резервоарот на едно од возилата дошло и до експлозија. Единицата интервенирала брзо со две противпожарни возила, по што за кратко пожарот бил ставен под контрола.

– Благодарение на брзата и присебна интервенција, пожарникарите спречија несреќа од многу поголеми размери и последици. Ќе почекаме да се утврдат причините за пожарот, но ова е уште една потврда за ризикот што го носат старите комунални возила со кои работи „Водовод“, поради што ќе продолжиме со поинтензивно обновување на возниот парк – изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Пожарот бил забележан во саботата вечерта околу 19 часот од страна на дежурните работници, кои спречиле огнот да се прошири и на други возила во кругот на комуналното претпријатие.