Се истражуваат прекршувањата на работничките права во источниот регион

132

Здружението „Иницијатива на невработени интелектуалци – ИНИ“ од Виница почна проект за истражување на бројот на прекршувања на правата на работниците во Источниот плански регион. Целта е да се зголеми јавната свест за овој проблем, како и да се иницира поголема ажурност на надлежниот инспекторат.

Во рамки на проектот „Граѓанинот е вистински инспектор“ до крајот на годината ќе се се одржат седум едукативни работилници со работници од сите 11 општини во регионот. На средбите ќе се објаснуваат одредбите од Законот за работни односи и ќе се детектираат најголемите проблеми и прекршувања на работничките права.

-Според статистиката со која располагаме, непочитувањето на правата на работниците вработени во приватниот сектор е зголемено за 300 отсто, но тие сè почесто тоа го пријавуваат кај граѓански здруженија и фондации, наместо во трудовиот инспекторат. Како најчеста причина ја наведуваат недовербата кон инспекторите, нивното ненавремено постапување или доставувањето известување дека недостатоците се отстранети, без понатамошна заштита на работниците. Исто така, недовербата на работниците кон синдикатите кои треба да бидат главни заштитници на нивните права, придонесе за затворање на канцелариите на ССМ во целиот источен регион, истакна Зоран Биковски, координатор на проектот.