СЕ ИСПИШУВА НОВА СТРАНИЦА ОД ИСТОРИЈАТА – Денес над Македонија се раѓа… знамето на НАТО!

197

Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении да се вративме на главниот автопат кон Европа. Не и е само Европа потребна на идната Северна Македонија, туку и Северна Македонија и е потребна на Европа. Иднината веќе не ни е судбина, туку судбината ја земаме во свои раце, порача премиерот Зоран Заев на церемонијата на подигање на знамето на НАТО пред Владата

Денеска го креваме знамето на НАТО, што заедно со европското и со нашето, ја одредува иднината, не само нашата туку и на нашите поколенија. Тоа не е само симболика, туку реалност. Тоа е нова страница во нашата историја, порача вчера премиерот Зоран Заев на свечената церемонија на која беше кренато знамето на НАТО алијансата пред зградата на Владата. Заев оцени дека државата е на вистински пат кон прогрес и непречен развој и додаде дека иднината веќе не ни е судбина, туку судбината ја земаме во свои раце.

– Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении да се вративме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, рече Заев.

Македонскиот премиер истакна дека испишуваме нова страница од историјата и дека поставувањето на знамето на НАТО, воедно значи и побезбедна иднина.

Со одлуките на нашиот и грчкиот парламент и со поканата од членките на НАТО, ние веќе учествуваме во работењето на најмоќниот сојуз на светот и можеме да бидеме спокојни и целосно сигурни дека со завршувањето на ратификациите во сите парламенти на нашите сојузници, нашата земја која наскоро ќе го носи географски прецизното име Северна Македонија и официјално станува 30-тата полноправна членка на НАТО со право на глас. Со тој чин стануваме безбедна земја, стануваме свои на своето, рече Заев.

Во обраќањето, премиерот истакна дека веќе никој нема да нè блокира од надвор и ние со својата мирољубива политика ќе докажеме дека членството во НАТО е најдоброто решение за стабилноста на земјата и за стабилноста на регионот.

Не и е само Европа потребна на идната Северна Македонија, туку и Северна Македонија и е потребна на Европа. Целиот Балкан и треба на Европа. Тоа ќе го постигнеме така што прифаќајќи ги европските стандарди и вредности ќе ја менуваме и нашата свест и нашите сознанија за припадноста кон Европа, но и спознанијата на Западот за нас. Членството во ЕУ не е нашата крајна цел, туку европеизацијата на нашата земја, што е многу подолг процес од остварувањето на членството, рече Заев и порача дека без оглед што станува збор за настан од историско значање, сепак гази цврсто на земја и нема повеќе место за еуфорија.

Сите да се посветиме на членството во ЕУ. Тоа значи да ги средиме односите во нашиот дом, во нашето семејство, во нашата татковина, да функционираме како систем и како општество. Правда и нула толеранција за корупцијата. Во институциите нема место за оние кои со своето работење ја изневеруваат доврбаста за лични интереси и привилегии, корупцираните ќе се соочат со одговност, Поткуп, личните интересди и привилегии нема да бидат начин на кој се води бизнисот во нашата земја. Секој мора да ги следи правилата, порача Заев.

Премиерот им се заблагодари на првиот претседател на државата и врховен командант на вооружените сили Киро Глигоров, на прерано загинатиот претседател Борис Трајковски, на Парламентот и пратениците од овој и од претходните состави, медијаторот Метју Нимиц, меѓународната заедница и грчкиот министер за надворешни работи, Алексис Ципрас.

На свечена церемонија присуствуваа министри во Владата, поранешни премиери, претставници на дипломатскиот кор, воени аташеа и претставници на други државни институции. Не присуствуваше актуелниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов, како и поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски, но и врвот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека претседателот Мицкоски не присуствувал поради неодложни партиски обврски. (В.С.Н.)

 

БЦ не се појавува на јавни настани

Поранешните премиери Владо Бучковски, Хари Костов и Љубчо Георгиевски, како и пратеникот Амди Бајрам и лидерот на ДПА Мендух Тачи седеа во првиот ред на церемонијата за подигање на знамето на НАТО пред Владата. Поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски не се појави на свеченоста пред Владата за кревање на знамето на НАТО, иако бил уредно поканет.

Неговото отсуство беше и за очекување, со оглед на јасно искажаниот став пред референдумот за името дека нема да се појавува на јавни настани.