Се знае кој е главен во домот на Џака

215

Англиските медиуми пред неколку дена објавија дека швајцарскиот интернационалец, Гранит Џака, ова лето ќе ги напушти редовите на лондонскиот премиерлигаш Арсенал, а наводно, веќе е познато и името на клубот каде ќе ја продолжи својата кариера.

Џака се пресели на „Емирати“ во 2016 година, откако беше купен од германскиот бундеслигаш Борусија од Менхенгладбах. За брзо време дојде до статусот на стандарден првотимец, а дресот на „топчиите“ го има носено на повеќе од 300 натпревари.

Иако е стандарден и во актуелната сезона, голем беше бројот на тие кои се изненадија од информацијата дека Швајцарецот ќе си замине од Лондон на крајот од актуелната сезона затоа што не е дел од идните планови на шпанскиот стручњак, Микел Артета.

Британските таблоиди веднаш почнаа со шпекулациите околу следната негова дестинација и го поврзаа со неколку клубови. Сепак, во овој момент, најреална опција е германскиот бундеслигаш Баер од Леверкузен, а за таквиот избор најзаслужна е неговата сопруга.

Германски „Кикер“ пишува дека сопругата на Џака, Леонита е пресуден фактор за да се прифати понудата на „фармацевтите“ кои се подготвени да одвојат 15 мил. евра за обештетувањето на одличниот играч за врска.

Репрезентативецот на Швајцарија доби неколку примамливи понуди од Англија, Италија и Франција, но откако разговарал со својата фамилија било одлучено дека треба да се врати во Германија каде што порано го носеше дресот на Борусија од Менхенгладбах.

Џака и неговата сопруга се запознаа додека тој играше за Борусија, а после седум години во Лондон, таа му испрати јасна порака дека сака да се вратат во Германија.

Исто така не е тајна дека Џака е разочаран од одлуката на Артета да го стави на трансфер листата и не очекувал на таков начин да ја заврши својата авантура на „Емирати“. Од друга страна, Шпанецот сака да го освежи својот тим и Џака нема да биде единствениот првотимец кој ќе биде продаден за време на летниот преоден рок.