Пред општината Ѓорче Петров во Скопје  утринава се запали автобус на ЈСП Скопје.

Како што не информираат очевидци, пожарот избил на горниот кат од автобусот, а патниците во паника почнале да бегаат.

Од Градот соопштија дека  шест пожарникари од Противпожарната бригада на Град Скопје веднаш пристигнале кај запалениот автобус, со две возила, а нивната брза интервенција овозможила огнот да биде изгаснат и да не се предизвикува дополнителна штета.

Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП)  информираат дека во автобусот на линија 5 во кој утринава избувна пожар нема повредени патници, а  е причинета е само материјална штета.

Настанот се случил во близина на Општина Ѓорче Петров, кога автобусот сообраќал на редовна линија во правец кон центар.

-Пожарот, чии причини се утврдуваат, е изгаснат за кусо време, благодарение на брзата интервенција на екипата на Противпожарната бригада, велат од ЈСП.

Од таму велат дека внатрешната контрола веднаш излегла на терен и се утврдуваат причините на пожарот.

Возачот на автобусот изјавил дека за време на возењето забележал чад од горниот кат на возилото, застанал и со против пожарни апарати се обидел да го изгасне. Во меѓувреме, тој забележал и искрење и повикал на помош екипа од Противпожарната бригада. Пожарот бил изгаснат во најбрз можен рок.

Во моментов, на терен врши увид и екипа на МВР.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов по пожарот во двокатниот автобус на ЈСП Скопје на својот Фејсбук профил изрази почит до возачот на автобусот за неговата присебност и до Територијалната противпожарна единица за брзата интервенција.

– Најбитно е што немаме ниту еден повреден патник. Возачот Ивица Петрушевски навремено ги евакуирал сите патници и започнал да го гаси пожарот со ПП апаратите. Пожарната пристигна за помалку од 5 минути. Пожарот е изгаснат. Почит за возачот и пожарникарите, напиша Шилегов на својот Фб профил.

фото: П. Стојановски