Уринирање по паркови, паркирани возила во сите тревнати површини, ѓубре насекаде. По езерото – шишиња и конзерви. Наредени стотици млади по плажи и по кеј и речиси никој со маска. Препорачливата дистанца ретко кој ја почитуваше. Социјалните мрежи беа преплавени со фотографии од сметот, а апелите на министерот за здравство Венко Филипче дека “Вие сте на одмор, но короната не е”, како да не допираа до повеќето посетители на Охрид и Струга каде во моментов има околу 300 активни случаи на коронавирус. Врв на некултура и примитивизам, коментираат охриѓани. – Што тоа му се случува на Охрид. Му се случува народ, Охрид деновиве е Македонија во мало и сега сите можеме да видиме до каде сме и каде одиме, напиша на ФБ познатиот охридски адвокат Александар Новакоски.  Чест на исклучоци, кои ги почитуваат здравствените препораки.  

Корона туристичката сезона е во полн ек. Границите затворени, па изборот за одмор годинава е сведен на домашниот туризам. Главни дестинации се Охрид, Струга, Преспа, Дојран, Маврово…, каде и очекувано овој викенд, празнично продолжен, беше полно со домашни туристи. Најмногу посетители имаше во Охрид каде игла не можеше да се фрли. Но, затоа, место за смет имаше на секој чекор. Она што му се случи на Охрид овој викенд е под секое ниво на човечка култура!

Уринирање по паркови, паркирани возила во сите тревнати површини, ѓубре насекаде. По езерото – шишиња и конзерви. Наредени стотици млади по плажи и по кеј и речиси никој со маска. Препорачливата дистанца ретко кој ја почитуваше. Социјалните мрежи беа преплавени со фотографии од сметот, а апелите на министерот за здравство Венко Филипче дека “Вие сте на одмор, но короната не е”, како да не допираа до повеќето посетители на Охрид и Струга каде во моментов има околу 300 активни случаи на коронавирус.

Врв на некултура и примитивизам, коментираат охриѓани. Еве како наш познат адвокат, стар охриѓанец и поранешен претседател на ДИК, Александар Новакоски, го виде Охрид овој празничен викенд:

-Што тоа му се случува на Охрид. Му се случува народ, Охрид деновиве е Македонија во мало и сега сите можеме да видиме до каде сме и каде одиме. Многу луѓе се изненадени, но тоа сме.
Утрово групи млади лица исполегнати по тревата на кејот, уринираат по тревата, ја „наводнуваат“ добро, квалитетно, вртат кругови на сите страни. На моја опомена, за големо чудо без агресија ми викаат „а што да правиме, пијани сме, нема ни еден тоалет од плоштад до Горица“. Отидов према Горица, флаши на сите страни, во автомобили од над 20.000 евра спијат по автомобили. Заостанати групи се допиваат, сите мислам малолетни.
Во каналот донесени сите глисери и јахти, е не може да одат надвор од границите. Мириса на бензин,темпирана бомба е каналот.
Сега да се вратиме на тревата која добро ја „навадија“ младите, легнуваат и ставаат маси и столови тие кои излегле на плажа, тука јадат, а подоцна и поспиваат. Рај .
Заборавив да споменам утрото на патеката пензионери вежбаат, се одржуваат,тие се иднината и така треба.

На единствените тревнати површини кои не се изградени, а кои сами ги одржуваме, паркираат мотори, коли и од тука на глисер. Возат глисери, мотори и коли од најнови брендови, но паркинг да платат,тоа е луксуз. Ги прашувам дали може тоа да го прават кога одат во Хрватска, Грција и други дестинации. Нахални се, не смее збор да им кажете, бидејќи нема да доаѓале повеќе.

За жал, јас ве убедувам дека овој мал круг луѓе фрлаат лоша слика и за огромниот број совесни, чесни и скромни туристи, домаќини кои можеби не се големи потрошувачи, но знаат чесно да работат и чесно и да одмораат со своите фамилии, напиша на својот ФБ-профил Александар Новакоски.

-Флашите со пиво недоиспиени, има еден генијалец од комуналната служба кој пред да ги стави во корпата ги празни на тревата. Ако сите знаеме дека цела Македонија ќе е во Охрид зарем не можеше нешто повеќе да сторат надлежните? Тажен сум за Охрид, нешто не е како што треба, пишува Новакоски.

Во Македонија беснее корона. Препораките мора да се почитуваат. Лекарите предупредуваат дека со вакво неодговорно однесување бројот на заболени може само да се прошири. Резултатот од илинденскиот продолжен викенд ќе стаса за некој ден. Ќе имаме ли нов кластер – Илинден?! Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 11.054, бројката на оздравени пациенти е 6.882, на починати е 497, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.675.

(В.М.Б.)