Се гради нова градинка во населбата Драчевик во Кочани

130

Со средства од сопствениот буџет Општина Кочани го почна уредувањето на градежното земјиште во населбата Драчевик, во непосредна околина на парцелата на која е предвидена изградба на нова градинка.

Градежната механизација е ангажирана на пробивање и тампонирање на пристапната улица до локацијата на градинката, по што ќе продолжи поставувањето на останатата комунална инфраструктура.

– Уредувањето на градежно земјиште подразбира обезбедување непречен пристап до градежната парцела, односно изградба на јавен пат, водоводна, фекална и атмосферска канализација, како и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела. Изведувањето на инфраструктурата се врши според Деталниот урбанистички план за Градска четврт 9. Пробивањето и изградбата на пристапните улици што ќе бидат во функција на новиот објект, се активности коишто се обврска на локалната самоуправа-истакна Влатко Димитров од Секторот за урбанизам во Општина Кочани.

Од локалната самоуправа информираа дека Министерството за труд и социјална политика го завршило јавниот повик за избор на изведувач, по што ќе следува разгледување и евалуација на пристигнатите пријави, избор и потпишување договор со избраниот економски оператор. Изборот се спроведува според процедурите на Светска банка, која ја финансира изградбата на новата градинка во Кочани во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, а чија цел е да се зголемат капацитетите за сместување на деца од предучилишна возраст.

Новата градинка во Кочани ќе биде современ, компактен објект, проектиран според најсовремени стандарди, од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување.