Се градат пристапните рампи на пешачкиот мост

72

Се поставуваат пристапните рампи на првиот пешачки мост на реката Брегалница во Делчево. Вредноста на работите изнесува 3,5 милиони денари, а средства како што информираат надлежните, се обезбедени од буџетот на Општина Делчево.

– Во согласност со проектот, пристапните рампи на пешачкиот мост се составени од пешачка рампа и скали изградени од бетон, а поплочени со ќерамички плочки. Пристапните рампи ќе добијат соодветно осветлување со канделабри – информираат од Општината.

Од таму додаваат дека доколку дозволат временските услови, работите треба да  се завршат најдоцна за два месеца.

– Со изградбата на пристапните рампи комплетно се заокружува инфраструктурниот проект „Збогатување на туристичката понуда со изградба на пешачки мост на река Брегалница во Делчево“. Минатата година беше изграден пешачкиот мост на река Брегалница, кој го поврзува стариот со новиот дел на градот, но претставува и украс на градот и е дел од туристичкиот пакет на Делчево – информираат од Општината.

Претходно, кон крајот на годината се изгради и пристапна улица во должина од 120 метри, со која пешачкиот мост доби заокружена инфраструктурна целина.