Се враќа евтината струја и преку ден?!

Позитивните трендови продолжуваат, намалени се загубите, а ЕСМ може да има дополнителни приходи од продажбата на вишоците. Така што имаме добар материјал за почеток на дискусија за враќање на евтината дневна струја, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Во моментот, граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден. Министерот за економија Крешник Бектеши опомена дека до крајот на февруари ќе го почека извештајот на Пазарниот инспекторат  за тоа кои од над 200 производители на основни прехранбени производи ги намалиле цените, и тие кои не го сториле тоа  ќе им се укине субвенционираната струја, а парите ќе им се дадат на граѓаните.

18473

Можно е враќање на дневната евтина струја, но ќе треба да почекаме за тоа до крајот на грејната сезона, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Инаку, евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто.

Евтината тарифа на струја беше едно од главните предизборни ветувања на Владата предводена од СДСМ. Нејзината примена започна во октомври 2017 година. Секој работен ден и сабота од 14 до 16 часот и по 22 часот до 7 наутро граѓаните имаат можност да ја користат, како и секоја недела преку целиот ден.

Од Владата тогаш изјавија дека оваа мерка за подобрување на животниот стандард на граѓаните ќе чини осум милиони евра годишно, а трошоците ќе се покриваат со домаќинско работење на енергетските компании. Евтината тарифа беше укината со образложение дека цената на струјата во Македонија била најниска во Европа и освен кај нас, модел на користење на струјата како евтина тарифа немало никаде.

СТРУЈА ОД ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО

Ова прашање беше отворено и по стапувањето на сила на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, но од Европската енергетска заедница беше посочено дека укинувањето ќе биде неминовно со образложение дека никаде во Европа не постои ваква поволност за граѓаните. Сепак, и покрај притисокот, властите во земјава тогаш одлучија евтината струја да остане.

Првиот човек на РКЕ рече дека е можно враќање на дневната евтина струја, но ќе треба да почекаме за тоа до крајот на грејната сезона.

– Можно е враќање на дневната евтина струја, но ќе треба да почекаме за тоа до крајот на грејната сезона. Од октомври до средината на февруари имавме поволни услови, граѓаните заштедија 14 проценти енергија, сите домашни капацитети се во функција и за прв пат над 80 отсто од потребите за енергија ги задоволуваме од домашни капацитети. Позитивните трендови продолжуваат, намалени се загубите, а ЕСМ може да има дополнителни приходи од продажбата на вишоците. Така што имаме добар материјал за почеток на дискусија за враќање на евтината дневна струја – изјави Бислимоски.

Во моментот, граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден.

За првпат во последниве 15 години, од вкупните потреби за електрична енергија во земјава, во јануари дури 87 проценти биле обезбедени од домашните производствени капацитети, додека само 13 отсто биле обезбедени од увоз, за разлика од вообичаените 30 проценти во просек порано. Ваквите резултати, пред сè, се должат на заштедата на електрична енергија кај компаниите, институциите и кај домаќинствата, но и на зголемувањето на домашните капацитети за производство.

– Домашното производство на електрична енергија е стабилно и во целост ги задоволува потребите на домаќинствата, малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања на училиштата, прехранбената индустрија и други витални државни субјекти – појасни владиниот советник за енергетика, Виктор Андонов.

За првпат, на петти февруари снабдувањето со електрична енергија беше целосно исполнето од домашното производство. АД ЕСМ тогаш произведе 20.926 МWc електрична енергија.

Министерството за економија чека од АД ЕСМ да достави податоци дека производствената цена на ТЕЦ „Неготино“ е повисока од увезената цена на електрична енергија, тогаш ќе се оди на прекин на работата на термоцентралата и ќе се увезува струја која ќе биде поевтина.

– Секогаш ќе ја одбереме најевтината варијанта. Ќе ги намалиме сите трошоци на електрична енергија од страна на сите енергетски компании со цел да ги намалиме трошоците за граѓаните и за стопанството и на таков начин да влијаеме врз животниот стандард на граѓаните и нашето стопанство да биде поконкурентно – изјави Бектеши.

За повлекувањето на струја од страна на ЕСМ во јануари, Бектеши рече дека повлечени се 820 мегавати електрична енергија, но дека ја немаат точната сума. Фактурата до МЕПСО, како што рече, треба да стигне до крајот на февруари.

СУБВЕНЦИОНИРАНА СТРУЈА

Засега нема таков податок колку пари од буџетот досега потрошила државата за субвенционираната струја на дел од прехранбената индустрија за да добива поевтина електрична енергија. Од АД ЕСМ велат дека станува збор за сложена анализа, затоа што произведената електрична енергија доаѓа од различни производствени извори (хидроелектрани, термоцентрали и од фотоволтаици).

Инаку, за да ги намалат трошоците и за да ги поевтинат производите, компаниите, како помош, веќе трет месец користат субвенционирана струја, но повратно незначително ги намалија цените. Министерот за економија Крешник Бектеши опомена дека до крајот на февруари ќе го почека извештајот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за тоа кои од над 200 производители на основни прехранбени производи ги намалиле цените, а потоа ќе биде укината субвенционираната струја за оние што не го сториле тоа. Досега, многу малку од нив ги поевтинија производите од 7 до 13 проценти.

Компаниите ја посочуваа скапата електрична енергија како еден од клучните фактори за раст на цените на производите и затоа од први декември добија можност да користат субвенционирана струја од 80 евра за мегават-час. Во декември и во јануари, оваа поволност ја користеле 240 субјекти од прехранбениот сектор и за двата месеца потрошиле 12.702 МWc.

СОНЧЕВИ ПАНЕЛИ

Сè повеќе домашни производители инвестираат во фотоволтаични централи за самостојно да произведуваат струја за своите потреби. РКЕ во јануари годинава издала 26 лиценци за фотонапонски електроцентрали со моќност од шест мегавати и дел од нив се производители на мебел и на кондиторски производи, како и од фармацевтскиот сектор.

– Интересот на приватниот сектор за инвестиции во фотоволтаични централи е голем, кумулативно ако се гледа за само 13 месеци, РКЕ има издадено лиценци за вкупно 293 централи со вкупниот инсталиран капацитет од 158.2 МW кои се во функција и од кои се произведува електрична енергија од обновливи извори. Во земјава, само за една година и еден месец, изградени се фотонапонски електроцентрали со вкупен инсталиран капацитет што е поголем од инсталираниот капацитет на ТЕЦ „Осломеј“. Струјата од сонце се покажа како главен штит на приватниот сектор во борбата за економски опстанок, зголемена конкурентност, раст и развој – објаснува Бислимоски.

Во 2022 година, РКЕ издала лиценци за вкупно 267 централи, што е скоро двојно повеќе од донесените одлуки за издавање лиценци во претходните пет години (од 2017 до 2021, донесени се 146 одлуки за издавање лиценци).

Над 70 поплаки од домаќинства за повисоки јануарски сметки за струја

До Регулаторната комисија за енергетика пристигнале над 70 поплаки од домаќинства за повисоки јануарски сметки за електрична енергија.

– Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец. Исто така, повисока сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено. ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено – велат од ЕВН.

(А.С. – С.Бл.)