Се враќа автентичноста на конаците на Св. Пантелејмон, заштитникот на лекарите

140

Повеќе од потребно беше да извршиме реконструкција и реставрација на конаците кои некогаш го симболизираа вистинскиот црковен дух и беа парче од манастирскиот мозаик во комплексот Св. Пантејлемон на Водно, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски по увидот на градежните работи во манастирот.

Тој истакна дека Св. Пантејлемон и понатаму да остане отворен за посетители, а е од особена важност за општина Карпош, претставува најзначаен културно – историски споменик и е главен симбол на општината за што говори и фактот дека во самиот грб на општина Карпош е вметната ѕвездата од манастирот.

– За овој проект, аплицираше локалната власт и ние како министерство заедно со Бирото за регионален развој одобривме 6 милиони денари бидејќи Св. Пантелејмон е дел од нашето културно наследство. Замената на столаријата беше повеќе од неопходна (дрвени врати и прозори), секако проследена со внатрешно уредување и пренамена на одредени простории, менување на подот, но со задржување на стариот стил т.е поставување на бродски под, реконструкција на тоалетите и поставување на нова електрична инсталација во конакот, нов систем за вентилација, нов противпожарен систем за дојава на пожар кој е од големо значење за сигурноста и безбедноста на просториите и самиот манастирски комплекс. Со сите овие интервенции, ја враќаме автентичноста на внатрешниот простор и секако ќе се задржи автентичноста на надворешниот изглед на манастирскиот конак. Идејата е овој комплекс да се изреновира согласно насоките од МПЦ и да стане уште едно монашко светилиште, со кое ќе можеме да се претставиме пред туристите кои ја посетуваат државата – порача Милевски.

Според него манастирот, кој во поновата историја беше познат како ресторан каде што се правеа свадби и веселби, сега тежнее да го врати вистинскиот дух на црковен духовен центар во скопската околина. Откако беше изграден комплексот „Македонско село”, а со тоа и дислоциран ресторанот од манастирот, Синодот на МПЦ ја почна иницијативата за заживување на овој манастир, како вистински духовен центар со монашко братство.

Предвидено е манастирот и понатаму да остане отворен за посетители, односно ќе биде манастир од отворен тип, а е од особена важност за општина Карпош рече градоначалникот Стефан Богоев.

– Сега е класичен манастирски комплекс и навистина сметам дека како таков заслужува внимание бидејќи освен на Карпош, бележи и на државата и на градот Скопје како културно наследство заштитено со закон којшто го имаме во Македонија – истакна Богоев.

Министерката за култура Ирена Стефоска се радува што со враќањето на автентичноста на главниот конак, манастирскиот комплекс го добива својот заслужен и единствен лик. Во доцните 70-ти од минатиот век бил направен обид за нејзино впишување на листата на културни наследства на УНЕСКО, за жал тоа не се случило.

– Пред овој светилник, кој како да бдее над Скопје, се радувам што со враќањето на автентичноста на главниот конак, манастирскиот комплекс го добива својот заслужен и единствен лик. Оваа прекрасна црква и по многу нешта особена. Верувајќи дека денес се создадени сите предуслови за повторно аплицирање, ја преземам одговорноста и честа, заедно со Националниот совет за културно наследство, како и за црквата во Курбиново, да ја отпочнеме подготовката за впишување на листата на УНЕСКО и на оваа црква од 12 век, Свети Пантелејмон во Нерези – изјави Стефоска и најави дека во УНЕСКО ќе се аплицира и со други споменици на култура.