Се враќаат позорникарите во маалата во Центар

53

– Секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со еден до двајца позорникари, кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Во минатото, маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели  заштитници – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, пред жителите на населбата Пролет

Полициските редари – позорникари ќе се грижат за безбедноста на жителите на Општина Центар. Граѓаните ќе можат без страв да им пријдат и слободно да им ги пријават проблемите. На средбата со жителите на населбата Пролет, во дворот на основното училиште „11 Октомври“, ова го соопшти градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

– Враќањето на позорникарите во маалата беше барање, но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега, секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со еден до двајца позорникари, кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало, запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се почести во летниот период. Во минатото, маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели заштитници – рече Герасимовски пред граѓаните.

На средбата присуствуваа и полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје. Тие им дадоа на граѓаните основни совети за подигнување на безбедноста на домовите, при што ги поттикнаа доколку забележат нешто сомнително, да пријават на телефонскиот број 192. При тоа, потенцираа дека ова е повеќе од потребно бидејќи Центар е една од општините каде што има поголема фреквенција на луѓе, односно често пати становите се издаваат на студенти или на други луѓе, па не може да се најдат на адресата оние што претходно престојувале во станот, а е и водечка по бројот на кривични дела.

Полициските службеници најавија и кампања во соработка со Општина Центар за тоа како ќе може граѓаните да се самозаштитат во случаи на кражби, разбојништва. Флаерите што ќе бидат со едукативна содржина, ќе ги подготви Општина Центар.

– Тие ќе бидат еден вид потсетник за тоа како треба да постапат граѓаните за да не станат жртви на кражби. Не е доволно да дејствува само полицијата. Таа во секој момент не може да гарантира безбедност и 100- процентна заштита. Ако лаптопот го ставите на предното седиште на автомобилот, сигурно дека ќе бидете цел на кражба, но доколку тој е во багажникот, нема да се случи тоа. Затоа е потребно да има соработка меѓу граѓаните, општината и полицијата – нагласија полициските службеници.

Маалскиот полицаец треба да превенира и да обезбеди безгрижна детска игра надвор и безбедно враќање на тинејџерите дома. Тој ги заштитува животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречува извршување казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, им ја укажува потребната помош и заштита на граѓаните и врши набљудување на подрачјето и на безбедносната состојба во населбата.

И самите жители кои беа присутни на средбата се пожалија и споделија искуства за тоа како биле жртви на кражби и разбојништва. Повозрасна жена раскажа како во сред бел ден, од нејзиниот дом бил украден лаптопот на нејзиниот син, додека  друг грѓанин бил сведок на разбојништво кога две жени биле нападните и им биле одземени ланчињата од вратот. За среќа, разбојниците биле фатени.

Герасимовски најави дека е воведено зголемено полициско присуство поради зголемениот број кражби, а и присуство на наркомани, кои се кријат во гаражите кај Зелено пазарче.

(А.П.) – Фото: Н.Б.