Се врати! Гламурозен кам-бек на неправедно „отпишаната“ Дорис Драговиќ

271

Со рок-групата “Осми путник“, Дорис ја пее песната “Тајна“ на еден карактеристично рокерски начин, па критичарите веќе испишаа одлични критики

Дали нешто скоро сте слушнале за некогаш многу омилената сплитска пејачка Дорис Драговиќ на која вистинското име и е Доротеа? Пејачка која во едно поминато време му беше и голема миленичка на нашиот Велибор Џаровски-Џаро, од времето на нивната соработка, а на која тој според неговите кажувања и овозможил да ја претставува Југославија на “Песна на Евровизија“ со песната “Жељо моја“ со победата на југословенскиот Избор во Приштина…

Денес по толку поминати години, Дорис Драговиќ уште убаво изгледа, има веќе возрасен син, а и покрај силните озборувања и понатаму е во брак со сплитскиот ватерполист Марио Будимир. Дорис сè уште и пее и тоа многу добро. Гласот ја држи. По новата соло-песна “Ќе се снајдам јас“, деновиве сплитската пејачка има уште една нова, најнова песна, но овој пат со рок-групата “Осми путник“. Тоа е песната “Тајна“, а Дорис карактеристично рокерски ја пее со групата, па критичарите веќе испишаа одлични критики.

Снимен е и видеоспот како вистинска филмска приказна. Авторка на спотот е Нина Мимица, една од најнаградуваните хрватски режисерки, номинирана за наградите, како што се “Оскар“ и “Златен глобус“. Така што и песната и спотот всушност се гламурозен кам-бек на сплитската музичка ѕвезда, воедно поранешна пејачка на групата “Море“, кога го испеа добро познатиот еротски хит “Хајде да се мазимо“. (Д.М.)