Посебен режим на „Партизанска“ и бесплатен превоз поради „Бела ноќ“

172

Поради одржување на манифестацијата „Бела ноќ“ на платото пред Универзална сала, утре од 19 часот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на булеварот „Партизански одреди“, на потегот од крстосницата со улицата .„Франклин Рузвелт“ до крстосницата со улицата „Костурски херои“, во насока на движење кон центарот во Скопје.

Од ЈСП „Скопје“ информираат дека по повод „Бела ноќ“, користењето на јавниот превоз ќе биде бесплатно и ќе важи од 18 часот во сабота до 4 часот во недела.

Утре по 15-ти пат, во Скопје граѓаните ќе имаат можност да уживаат во културно-забавната програма на 15 локации. Уметници, музичари и сите кои се дел од „Бела ноќ“ на присутните ќе им понудат најразлична културно-уметничка содржина. Во рамките на оваа „Бела ноќ“, граѓаните ќе имаат можност да посетат  изложби да проследат театарски перформанси, музичка програма и филм на отворено.

Веќе 15 години, фестивалот ја доближува уметноста до граѓаните, со концептот кој одговара на урбаната заедница која се поистоветува со својот град.

Како дел од овогодинешната програма, на платото пред Универзалната сала ќе се одржи концертот „50 години Скопски“, кој ќе започне во 20 часот. Во придружба на Биг бендот, скопјани ќе се потсетат на најголемите хитови од Скопскиот фестивал со настапите на Драган Мијалковски, Славе Димитров, Верица Ристовска, Лидија Кочовска, Сашо Гигов, Ѓоко Таневски, Сара Мејс и Ај Кју.

Во недела пак, поради одржување на уличната трка „Скопје трча 10 километри”, во периодот од 7.30 часот до 11.30 часот одредени линии ќе возат по изменет режим на сообраќање. Целосно затворени за сообраќај ќе бидат: булевар „Илинден“ во двете насоки, од раскрсницата со булевар „Климент Охридски“ до улица „Никола Парапунов“, улица „Никола Парапунов“, од булевар „Илинден“ до булевар „Партизански одреди“, булевар „Партизански одреди“ во правец кон Ѓорче Петров, од раскрсница со улица „Љубљанска“ до улицата „Ангел Динев“ (мост Влајко), а времено ќе бидат затворени: булевар „8 Септември“, од раскрсница со булевар „Партизански одреди“ до улица „Скупи“ ( Хубо маркет) и улицата „Бледски договор“. Пренасочени ќе бидат линиите 2, 4, 7, 8, 11, 11А, 12, 15, 15А, 19, 21, 22, 22А, 32, 56, 56А, 59 и 60.