Ниското ниво на реката Вардар во централното градско подрачје ѝ оди во прилог на градежната механизација на ГП „Бетон“ која деновиве работи на отстранување на фундаментите што беа поставени за Панорамското тркало во пешачкиот мост кај Македонскиот народен театар.

Според новиот проект што лани Град Скопје го договори со „Бетон“, сите четири бетонски столбови ќе се урнат и со тоа коритото на реката Вардар ќе биде ослободено.

– Летово треба да завршат градежните работи за изградба на мостот, со што ќе бидат отстранети и препреките кои се наоѓаат на кејот со кои сега е блокирано движењето – велат од кабинетот на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Од коритото на Вардар ќе се вадат и фундаментите на околните диви острови што сега се наоѓаат околу фонтаните што не ги опслужуваат. Фонтаните во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“ и во моментов се нефункционални, а инсталацијата стои во водата.

Скопјани реагираат дека отстранувањето на фундаментите на столбовите што требаа да го држат тркалото, се одвива ептен бавно.

– Дајте бре, нека го завршат веќе, не може човек нормално да се движи покрај кеј. Патем, овој простор многу грубо изгледа. Покрај мостот, недовршени се и Офицерскиот дом и хотелот до него, кој знае до кога ќе стојат во оваа фаза – вели скопјанецот Б. Христовски.    

 

– Летово треба да завршат градежните работи за изградба на мостот, со што ќе бидат отстранети и препреките кои се наоѓаат на кејот со кои сега е блокирано движењето. За да се гледа симболот на градот Камениот мост, на новиот мост ќе биде поставена проѕирна ограда – велат од Град Скопје за весникот „Вечер“.

Градоначалникот Шилегов најавува дека просторот од излезот од Градскиот трговски центар кон плоштадот „Македонија“ и делот кон Порта Македонија кој е асфалтиран и е во очајна состојба, оваа есен ќе почне да се уредува. Тој очекува оваа површина до крајот на октомври да се поплочи. Преуредени ќе бидат и фасадите на зградата на ЕВН и ЕЛЕМ, како и на онаа на „Пелагонија“.

(С.Бл.) – Фото: Н. Батев