Се бара укинување на поскапувањето, намалување на цената и распуштање на Регулаторна

Протести против одлуката за зголемување на цената на струјата за 7,4 отсто се одржаа во скопски Чаир и пред Владата, на плоштадот „Илирија“ во Тетово, пред општината во Куманово, пред седиштето на ЕВН во Гостивар и пред наплатниот пункт на ЕВН во Дебар. Се бараше повлекување на одлуката за зголемување, намалување на цената до 20 проценти, укинување на монополот на услугите на ЕВН, распуштање на РКЕ и формирање на независен арбитражен орган

188

Во повеќе градови во државата се одржаа протести против поскапувањето на струјата. Протести имаше во скопски Чаир и пред Владата, на плоштадот Илирија во Тетово, пред општината во Куманово, пред седиштето на ЕВН во Гостивар и пред наплатниот пункт на ЕВН во Дебар. Се бараше повлекување на одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, да се намали цената до 20 проценти, да се укине монополот на услугите на ЕВН, да се распушти Регулаторната комисија за енергетика и да се создаде независен арбитражен орган во служба на граѓаните.
На градскиот плоштад во Тетово голем број граѓани се собраа на протест по повикот упатен од организациски одбор на социјалните мрежи во знак на незадоволство и револт поради зголемување на цената на електричната енергија. Тетовци ги испорачаа истите барања, повлекување на одлуката за зголемување на цената и намалување на и цената за 20 отсто, укинување на монополот на услугите за ЕВН, укинување на РКЕ и формира на независен арбитрарен орган.
И во Гостивар поголема група граѓани одржаа протестен марш незадоволни од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за зголемувањето на цената на електричната енергија за 7,4 проценти. Маршот го организираше навивачката група „Кастриоти“, кој со транспаренти за намалување напишани на албански јазик и со знамиња на Република Албанија поминаа од Центарот за култура до градскиот плоштад.
Егзон Азизи од навивачката група „Кастриоти“, кој го предводеше маршот посочи дека доколку не се исполнат нивните барања протестите ќе бидат радикализирани и ќе траат се до исполнување на барањата.
Во организација на навивачката група „Соколат“ на фудбалскиот клуб „Кораб“ и други граѓански организации во Дебар се одржа протест против поскапувањето на струјата. Поголем број дебрани се собраа пред наплатниот пункт на ЕВН кој се наоѓа во центарот на градот.
Пред насобраните, претставникот на организаторот, Адрит Фетаху, ги прочита барањата, меѓу кои и барањето да се поништи одлуката на Регулаторната комисија за поскапување на цената на електричната енергија.
-Бараме да се поништи монополот на услугите на ЕВН и да се подобри нивното некоректно однесување кон потрошувачите и секако да се распушти Регулаторната комисија, тело што им служи на интересите на деловните групи и корпорациите на штета на многу тешката економска ситуација на граѓаните, рече Фетаху.
Барањата се испратени до Регулаторната комисија, Парламентот, Владата и до компанијата ЕВН. Тие имаат десет дена да ги исполнат барањата, во спротивно како што најавија организаторите протестите ќе бидат радикализирани и ќе траат се до исполнување на барањата.

РКЕ: Бидете среќни што струјата не поскапе повеќе

Регулаторна комисија за енергетика соопшти дека зголемувањето на цената на струјата за 7,4 проценти се однесува на домаќинствата, односно обичните граѓани, а не и на големите компании.
Во врска со поскапувањето на струјата, претседателот на РКЕ, Марко Беслимоски, истакна дека одлуката за зголемување на цената на струјата е донесена врз основа на детални анализи и дополнителни податоци добиени од енергетските компании.
Според него, граѓаните треба да имаат разбирање за ова поскапување бидејќи барањата на енергетските компании детално биле анализирани и побарани биле дополнителни податоци, бидејќи доколку ги прифателе нивните барања, тогаш цената ќе се зголемела за 25 проценти.