За формирањето на  четвртфиналните двојки во Регионалната СЕХА лигата, клучен беше двомечот меѓу Татран Прешов и Партизан. Реваншот во Белград заврши со 36:35, резултат кој му одговара на македонскиот првак Вардар, бидејќи истиот значи избегнување на Веспрем во четвртфиналето.

Големата драма во Србија можеше да биде кобна за скопскиот тим, бидејќи на три минути до крајот на мечот, Партизан имаше плус четири, со кои го испраќаше Вардар на третото место во групата. Сепак, Татран се консолидира, беше подобар во драматичната завршница и успеа да го задржи врвот во групата.

Татран Прешов оди на мегдан со Еурофарм Пелистер, додека Вардар во четвртфиналето ќе се судри со српска Војводина, ривал далеку попогоден од унгарски Веспрем. Ќе има и хрватско дерби меѓу Нексе и ППД Загреб во фазата на осум најдобри, додека Партизан има најтешка задача со гигантот Веспрем.

Првите четвртфинални натпревари македонските екипи ги играат дома на почетокот на април