„Нашата основна задача е во наредниот период да го вратиме буџетот на исто ниво како пред пандемијата, нормално и продолжување на финансиската поддршка на филмските работници. Свесни сме за зголемените буџети за аудиовизуелните дела во европските држави, но и во светот. Ќе ги искористиме сите институционални мерки и напори за македонскиот филм да има буџет на соодветните успеси“, истакна за весникот „Вечер“, Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм

 

Филмот „Сестри” во режија на Дина Дума својата светска премиера ќе ја има на престижниот фестивал во Карлови Вари, кој годинава ќе се одржи од 20 до 28 aвгуст. Најновиот проект на Теона Митевска „Најсреќниот човек на светот“, како и уште една македонска копродукција „Празник на трудот“, деновиве добија поддршка од Европскиот фонд „Еуримаж“, на втората сесија во 2021 година. Краткиот игран филм „Северен пол“, пак, на македонската режисерка Марија Апчевска-Петровска е номиниран за „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал. Тој е меѓу десетте селектирани од вкупно 3.739 прегледани краткометражни филмови од страна на фестивалот…

Ова покажува дека македонската кинематографија има со што да се претстави во Европа. Она што пак, деновиве филмската фела го истакна е дека е недозволиво од државниот буџет намалување на средствата за македонскиот филм кога тој  ја доживува својата преродба. Тие побараа Буџетот за филм по пат на ребаланс да биде вратен на стапката пред пандемијата, да се вратат алтернативните извори на финансирање, нешто што е сосема нормално во европските кинематографии и да се овозможат даночни олеснувања за вложување во аудиовизуелната дејност.

„Од 170 милиони денари во 2019, во 2020 во три наврати беа скратени цели 85 милиони. Имајќи предвид дека од истите тие средства се покриваат сите административни трошоци на Агенцијата за филм, членарините во Еуримаж и други организации, плати за вработени и слично, што претставува удар за филмскиот сектор“, велат од Друштвото на филмските работници на Македонија.

Од Креативна Европа, Медиа Деск Македонија и Агенцијата за филм, пак, неодамна во соопштение посочија дека македонскиот филм забележа светски успеси и успеа да стане поим за земја од каде што потекнуваат автентични филмски дела, и тоа нè прави уште посигурни дека во наредниот период кога и европската поддршка ќе биде поголема, да има продлабочена соработка и уште поголем успех на македонската филмска продукција.

Бојан Лазаревски

„Уште од самото доаѓање на позицијата директор на Агенцијата за филм истакнав во неколку наврати дека филмот е најголемиот амбасадор на македонската култура и не само Агенцијата, туку и сите релевантни институции, вклучувајќи ја и Владата се горди на успесите на македонскиот филм. Нашата основна задача е во наредниот период да го вратиме буџетот на исто ниво како пред пандемијата, нормално и продолжување на финансиската поддршка на филмските работници“, вели Бојан Лазаревски, првиот човек на Агенцијата за филм. Тој исто така додаде дека Агенцијата за филм е свесна за зголемените буџети за аудиовизуелните дела во европските држави, но и во светот. „Ќе ги искористиме сите институционални мерки и напори за македонскиот филм да има буџет на соодветните успеси“, додаде тој.

Инаку, филмот „Сестри“ на младата Дина Дума, за кој деновиве е објавено дека ќе има светска премиера во Карлови Вари, е нејзиното прво долгометражно филмско остварување. Овој филм учествува во компетицијата East of the West (Источно од Западот), која е дел од официјалната програма. Оваа селекција е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот  Исток и Северна Африка.

Дина Дума

„Во своето суптилно деби режисерката има автентичен пристап во доловувањето на моменти на младоста , кои нè учат на прифаќање на одговорноста за своите постапки. Крајниот резултат е психолошка истрага во која Дина Дума покажува несомнен талент за прикажување на блискост и ривалство меѓу тинејџерки, заедно со дарба за управување со глумата“, пишува Сандра Хезинова, која е дел од програмскиот оддел на фестивалот Карлови Вари.

„Сестри” е поддржан од Агенцијата за филм и е регионална копродукција помеѓу Македонија, Црна Гора и Косово. (Д.Т.)