На секое осмо лице кое преживеало ковид-19 шест месеци по позитивниот тест, за прв пат во животот му се дијагностицира невролошко или психијатриско заболување, според истражувањето спроведено од научници од Оксфорд.

Пациентите кои биле хоспитализирани се особено подложни на психијатриски компликации, иако оние кои не завршиле во болница, исто така, се изложени на зголемен ризик од развој на депресија или проблеми како што е мозочен удар.

Оваа студија е уште еден доказ дека инфекцијата со ковид-19 може да резултира со краткорочни или долгорочни когнитивни и ментални здравствени проблеми.

Експертите ги анализирале здравствените досиеја на 236.379 пациенти од Соединетите држави кои се опоравиле од инфекцијата со коронавирус.

Откриле дека во период од шест месеци на 33,6 проценти од нив им е дијагностицирана невролошка или психолошка болест, при што 13% добиваат ваква дијагноза за прв пат во животот, пишува Бизнис Инсајдер.

Пациентите кои биле хоспитализирани, а особено оние кои доживеале енцефалопатија (општо име за нарушувања и оштетување на церебралната функција), биле особено изложени на ризик од ментална болест.

Оние кои имале ковид-19 имаат поголема веројатност да бидат дијагностицирани со состојби како што се мозочен удар, мозочно крварење, деменција и ментално нарушување отколку оние кои имале грип или инфекција на респираторниот тракт.

Истражувачите велат дека студијата е предмет на некои ограничувања, иако тие ги земале предвид факторите како што се возраста, полот, расата, основните услови и социоекономскиот статус при анализата на податоците.

Имено, причинско-последичната врска сè уште не е докажана, а електронските медицински досиеја може да имаат некои грешки. На пример, понекогаш дијагностиката на инфекција со ковид-19 се внесува во базата на податоци некое време по позитивниот наод, а описот на социоекономскиот фактор често недостасува во евиденцијата.

“Ризикот за дијагнози како мозочен удар или интракранијално крварење обично се намалува драматично во рок од шест месеци. Но, за неколку невролошки и психијатриски дијагнози, не знаеме кога ќе престане ризикот”, рече д-р Макс Такет од Одделот за психијатрија во Универзитет во Оксфорд.