Сензорна просторија за деца со пречки во развојот

49

Прва сензорна просторија за помош на деца со пречки во развојот беше отворена вчера во градинката „11 Октомври“, работна единица „Ташко Караџа“ во населбата Радишани. Целта на собата, како што истакна градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, кој заедно со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов беа во посета на градинката, е да им се помогне на децата со посебни потреби во однос на нивниот развој и инклузија во општеството.

– Со Град Скопје вложиме над милион ипол денари, но не застануваме тука. Се надевам дека за брзо време ќе го отвориме и надворешниот дел, односно игротеката која ни е во план, ќе биде специјална за овие деца и се надевам дека според потребите ќе продолжиме и во другите градинки на територија на општината да го правиме ова – истакна Смилевски.

Градоначалникот Шилегов, појасни дека Градот веќе има инвестирано во ваков вид на сензорски соби, но според него, оваа сензорска просторија во градинката во Радишани е убедливо најдобро опремена која ќе им овозможи на деца со пречки во развој определени аномалии да можат поеднoставно и полесно да ги надминат.

Тој потенцираше дека ќе има посебен стручен кадар кој знае како да работи со овие деца, но и како да ги употребува справите во собата, со цел да се овозможи еден поинаков пристап на овие деца.