Семки од диви лозници од неолит, дел од винската приказна на Кавадарци

316

Семки од диви лозници од неолит, од седум до пет илјади години пред нашата ера, се дел од винската приказна што можете да ја слушнете ако дојдете во Кавадарци и се запознаете со бројните археолошки локалитети во Кавадаречко, кои се сведоци за богатата историја, традиција и култура на овој најголем лозаровинарски крај во државата. Потврда дека виното отсекогаш било сведок на радоста и тагата на луѓето на овие простори. Покрај семињата и од житарици, што се белег за развојот на земјоделството, за МИА открива директорката на кавадаречкиот Музеј Весна Ѓорѓиева, на археолошкиот локалитет Чаковец биле пронајдени камени секирки од гранитна карпа, ножиња од кремен и предмети изработени од животински коски.

Голем е бројот на фрагменти од садови од фина и груба фрактура изработени од глина и со елементи карактеристични за познати културни групи. Значајниот сведок за минатото се наоѓа 2,5 километри источно од селото Ресава, во непосредна близина на селото Дабниште. Конфигурацијата и геоморфолошките услови го привлекле вниманието на неолитскиот човек да подигне населба на овој локалитет, да стопанисува, да создава и да развива своја материјална култура, пишума МИА.

Белград на винарите белограѓани егзистирал повеќе од 16 века

Речиси нема човек во земјава кој не ја слушнал песната „Билјана платно белеше“, но мал е бројот на тие што знаат дека винарите белограѓани за кои се пее во песната всушност потекнувале од старата кавадаречка населба Белград, позната по лозаровинарството. Античко средновековна, таа егзистирала во континуитет повеќе од 16 века. Се наоѓа на околу четири километри воздушна линија од Кавадарци, во лозовите насади на месноста што и денеска си го задржала старото име. Археолошкиот локалитет што е истражуван се протега на површина од 10 декари и на него се откриени повеќе од 30 антички стели, некои од нив со импресивни димензии. При превентивното, заштитно, археолошко ископување низ годините, покрај големиот број надгробни стели, откриени се и ќерамички садови.

Археолошкиот локалитет Моклишко кале или Викало, на доминантен рид, се наоѓа кај селото Ваташа, во непосредна близина на селото Моклиште, кое веќе не постои. Во неговото подножје се наоѓа Моклишкиот манастир со црквата „Свети Никола“ од 16 век. Спаѓа во редот на стражарници, основани во IV и веројатно обновени во раниот VI век во времето на императорот Јустинијан. Остатоците од овој локалитет и некрополата во него говорат за хронолошки и културен континуитет, преку хеленистичкиот и римскиот период, а особено е изразена доцната антика.

За туристите, особено археолошките, интересно е да се дознае и за археолошкиот локалитет Пешково ритче, кој се наоѓа на брегот на Тиквешкото Езеро, а на кој, меѓу другото, во гробови се откриени ќерамички бокали и луцерни стаклени пехари, па се верува дека тоа е вусшност доказ за верувањето дека во минатото одделни луѓе милувале да бидат погребани со своите омилени садови од кои пиеле вино.

Храм посветен на богот на виното – Дионис

Потврда за тоа дека во Кавадаречко во минатото се негувал култот кон боговите на виното се и археолошките остатоци од храм посветен на богот на виното, Дионис, на археолошкиот локалитет Градиште, кај кавадаречкото село Дреново.

– Градиште, или Девол, e лоциран на самиот магистрален пат Градско – Прилеп. Се претпоставува дека овде се наоѓа античкиот град Еударист, кој бил престолнина на античкото кралство Пајонија. Неговата површина изнесува 17 хектари. На овие простори досега се регистрирани повеќе површински истражувања со многу богати културни хоризонти од античкиот и делумно средниот век. Градот се состои од издолжена акропола (горен град) и широки јужни станбени тараси, врз чие јужно подножје минувал древниот магистрален пат. Евидентирани се остатоци од градски храм, агора, порта, мавзолеј, градска некропола и друго, по пат на археолошко рекогносцирање и делумни сондажни ископувања. Музеј галерија – Кавадарци пред десетина години изврши првични систематски археолошки ископувања на овој локалитет, при што е отворена некропола и остатоци in situ од градскиот храм со декоративна пластика посветен на богот на виното – Дионис. Тој е со помали димензии 7 x 3,5 метри од типот на простил со наос и пронаос со комплетна супструкција: стилобат, крепидома, довратници, тимпанон со релјефна претстава на сончев диск и други архитектонски елементи. Културниот хоризонт изобилува со гробна и садова ќерамика, појасни Ѓорѓиева.

Таа додаде дека во Дреновско, исто така се наоѓа и археолошкиот локалитет Кртозов рид,  на простор каде што денес се наоѓаат лозја и ниви во приватна сопственост. Евидентиран е во кавадаречката археолошка карта како villa rustica од раноримскиот и доцноримскиот период.

– Во 2008 година во рамките на земјоделските активности на површина од 1,5 декар се откриени мермерни архитектонски елементи, градежен и ќерамичен материјал од сакрален објект – базилика. Врз основа на тоа, Музеј галерија – Кавадарци иницира и првпат почна со систематски археолошки ископувања на овој локалитет. Отворивме in situ ранохристијанска базилика, која датира од V – VI век, со раскошна архитектонска диспозиција со сите елементи што се карактеристични за овие градби. Олтарна преграда со парапетни плочи, со крстови, розети и монолитни столбови со бази, капители и др. Во внатрешниот дел на објектот се отворени следните елементи: апсидата со поден мозаик прв од ваков вид во Кавадаречко, епископсиот престол – тронот, супселиите од негови две страни, влезот, презвитериумот со под од камени плочи, наосот, нартексот и слично. Северно од периметралниот ѕид на базиликата отворени се страничните помошни простории. Во непосредна близина, источно од базиликата се отворени некрополата и крстилницата. Покрај големиот број мермерни архитектонски елементи, наидовме на големо количество кршен камен и градежен материјал (тегули, имбрекси), фрагменти од садови ќерамика, стакло и друго, раскажа директорката на музејот. Таму ќе продолжат археолошките истражувања и година, финансирани од Министерството за култура.

Таа нагласи дека меѓу позначајните други археолошки локалитети се вбројува и Танко патче, но и многу други.

Богатиот археолошки материјал предизвик за бројни истражувачи

Тиквешката, т. е. кавадаречката област во рамките на нашата држава, нагласува Ѓорѓиева, спаѓа во редот на региони со голем број археолошки локалитети со богати материјални остатоци, кои се свидетели на човековите активности од најраните епохи на цивилизацијата, па сè до денес.

– Поволните геоморфолошки и хидролошки потенцијали и патни артерии на тиквешката котлина придонеле за постоењето на богатата и разновидна археолошка содржина во континуитет во сите изминати периоди. Ова придонело во текот на 19-от век во тиквешката и кавадаречката област зголемена посета на голем број транзитни патници од европската и светската јавност. Константен е интересот за проучување на материјалните остатоци и археолошки локалитети во Кавадаречко, кои ги дознаваме од литературата на голем број еминентни археолози, нумизматичари, епиграфичари, истражувачи на историјата и историчари на уметност, антропологијата, патописци и др. учени. Научната јавност низ целиот 20 век се интересира и ги студира старините околу Кавадаречко. На почетокот скромно со посетите на значајните претежно странски патописци и истражувачи и други учени, за подоцна во втората половина на 20 и почетокот на 21 век да се појават постудиозни истражувања статии и студии, од страна на афирмирани доктори и универзитетски професори, како: И. Микулчиќ, А. Ќерамитчиев, К. Петров, Д. Коцо, Ф. Папазоглу, В. Б. Грозданова, Б. Алексова, Е. Петрова, Ж. Винчиќ, В. Лилчиќ, Е. Димитрова,  С. Филипова, М. Велчовски и многу други авторитети од нашата држава и надвор од неа, вели директорката, изразувајќи благодарност до сите што низ годините научно истражувале низ археолошките објекти во Кавадаречко.

Автори на изложбата „Значајни археолошки локалитети во Кавадаречко“, која утре ќе биде отворена во Кавадарци, се Ѓорѓиева и кустос-археолозите Трајче Цветков и Раде Атанасов. На 41 пано ќе бидат презентирани 190 фотографии и плакати од научноистражувачките проекти.