Семејство кое живее од просечна плата треба да позајми 100 евра за да го протурка месецот

Со овој галопирачки раст на цените, кои Владата ги замрзна дури кога ги надминаа сите пристојни граници, две минимални плати не ја полнат кошницата, а и просечната плата која е во постојан пораст, многу заостанува во трката со минималните трошоци што треба да ги направи четиричлено семејство за да го преживее месецот

327

Минималната плата по Нова година ќе се зголеми на 18.000 денари, потсетува министерот за економија Крешник Бектеши.

Ова е старо ветување од Владата на чија реализација повеќе месеци чекаат стотина илјади работници на чии сметки секој месец легнуваат најниските плати од 15.200 денари. И додека се чека зголемувањето на минималната плата, за што нема конкретен датум, расте вредноста на минималната синдикална кошница, која во ноември го достигна најголемото месечно и годишно поскапување до сега. Кога во неа ќе се стават сметките за најнеопходните прехранбени продукти, пијалаци, за комуналии, покуќнина, облека, обувки, превоз, одржување на здравјето и минимална забава и рекреација, месечниот цех во ноември изнесува 34.893 денари. Додека минималната плата подолго време е „закована“ на 15.200 денари, најновата минимална кошницата е за цели 320 денари поскапа од претходниот месец и дури за 1.243 денари од јануарската.

Со овој галопирачки раст на цените, кои Владата ги замрзна дури кога ги надминаа сите пристојни граници, две минимални плати не ја полнат кошницата, а со најавеното зголемување на минималецот на 18.000 денари, парите едвај ќе стигнат. И просечната плата која е во постојан пораст, сè уште многу заостанува во трката со минималните трошоци што треба да ги направи четиричлено семејство за да го преживее месецот. Според последните статистички податоци просекот на ниво на држава изнесува 28.869 денари, што значи дека семејство кое живее од една таква плата треба да позајми уште 100 евра, за најскромно што може да го протурка месецот. Треба да се има на ум и тоа дека просечната плата ја земаат и ја зголемуваат само неколку дејности, додека над 60 проценти од вработените во државата ја сонуваат. На најголемиот дел од работниците платите им се „заковани“ по повеќе години.

Инаку, во ноември за да обезбеди храна и пијалаци на едно семејство му биле потребни 15.000 денари, додека за режиски трошоци се издвојувале 10.914 денари. Тоа значи дека за сè останато семејството располагало со помалку од 9.000 денари.

Бектеши, пак, уверува дека и минималната плата и просечната на ниво на држава солидно растат. Минималната од 9.000 денари во 2017 година сега е качена на 15.200 денари.

-Минималната плата ќе се зголеми на 18.000 денари, по Нова година. Платите не стојат. Во 2016 година просечната беше 22.000-23.000 денари, а сега е 28.820 денари и ќе се зголемува во континуитет. Зголемување на платите имаме и во образованието, здравството, приватниот сектор. Само минималната плата е зголемена за 100 отсто за четири години, колку што не е направено со години наназад, вели тој.

Од ССМ, пак, посочуваат дека поради сè поевидентното зголемување на цените, повеќе од неопходно е зголемување на платите со кои работниците без да се грижат за својата егзистенција ќе си ги овозможат најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница.

-Евидентно е дека минималната синдикална кошница секој месец се зголемува и затоа ССМ постојано апелира минималната плата да изнесува најмалку 18.000 денари, а линеарно да се зголемуваат и сите останати плати. Затоа, апелираме да бидат прифатени забелешките на синдикатите во врска со зголемувањето на платите, за да не продолжи трендот на осиромашување на граѓаните, опоменува ССМ.

Овој синдикален сојуз за 12 ноември најави протест на кој повика да се придружат сите синдикати, граѓани и пензионери.

(С.В.)