Ако им веруваме на германските медиуми, семејството на легендарниот Формула 1 возач Михаел Шумахер инвестирало во земјиште на Мајорка. Цената на ова земјиште изнесувала речиси три милиони евра.

Имено, на тој простор се очекува да изградат ранч за коњи, сличен на оној што го имаа во Швајцарија и Тексас, пишуваат германските медиуми.

Земјиштето зафаќа површина од над 54.000 квадратни метри и се наоѓа во близина на градот Пост Андраткс.

На парцелата во моментов има неколку дотраени објекти кои ќе треба да се урнат. Како што пренесува „bunte.de“, на парцелата треба да се изгради ранч со коњи, а „зимската семејна куќа“ е замислена и како нов почеток на познатото семејство.

Инаку, поминаа осум години од кобната несреќа на Михаел Шумахер. Седумкратниот светски шампион падна на скијање во Франција, удирајќи со главата во карпа и оттогаш не се знае за неговата здравствена состојба. Според досегашните тврдења, Шумахер е во вегетативна состојба, а со семејството комуницира само преку мимики.

Шпекулациите остануваат и треба да се биде внимателен со нив, бидејќи објавувањето на неофицијални информации може да резултира со тужба од страна на семејството Шумахер, па информациите за Михаел се појавуваат многу ретко и никој не ја знае вистинската состојба на легендата.