Семејното насилство намалено за 10 проценти

109

Вкупно 29 пријави за семејно насилство биле евидентирани од почетокот на годината до средината на овој месец во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Кочани, што е за десетина отсто помалку во споредба со истиот период лани.

Кај сите пријавени случаи жртви на насилството биле жени и деца, а само за една пријава е евидентирано дека жртвата е машко лице.

-Вкупниот број на евидентирани случаи на семејно насилство се однесува на општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци за кои е надлежен нашиот Центар и ние постапуваме по пријава од полициските служби или од самите граѓани кои биле жртви на насилството. Согласно законската регулатива и во зависност од тежината на случајот преземаме соодветни мерки за заштита. Кога се работи за дете или лице, кое е со ограничена или одземена деловна способност и не може да се грижи за себе, тогаш постапуваме и без согласност од родителот или старателот – истакна Васка Анастасова, психолог во Центарот за социјални работи во Кочани.

Во состав на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Кочани функционира и таканаречен шелтер-центар, кој е еден од четирите во државата, каде привремено се згрижуваат жртвите на семејно насилство.

Центарот се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството кон жените преку кампањата „16 дена активизам“ со која преку работилници и директни контакти со потенцијални жртви се работи на надминување на предрасудите за прикривање на насилството.