Наместо во Грузија, селекторот на кошаркарската репрезентација Драган Бајиќ мораше да остане во Скопје поради позитивен тест на коронавирус. Но, пред само неколку дена тој се најде во многу необична ситуација. Имено, „црвено-жолтите“ мораа да летаат од Приштина до Истанбул, од каде имаа лет за Тбилиси, Грузија.

Сепак, доколку не беше позитивен на коронавирус, Бајиќ немаше да може да оди по истата рута, бидејќи косовските власти му одбија виза, а причината е крајно бизарна.

Како што пишуваат српските медиуми, Бајиќ го помешале со опасен криминалец, кој имал исто име и презиме. Тој Бајиќ е обвинет дека ограбил и убил пет лица во Будимпешта со брачен пар од Унгарија. Интерпол утврдил дека се работи за српски криминалец кој побегнал во Унгарија каде употребил дури 16 лажни имиња.

Тоа не е се за што е обвинет. Во дебелото досие има околу 30 пријави за кражби на автомобили и разбојништва. Драган Бајиќ поради неговото име доживеа крајно непријатна ситуација, а се надеваме дека ќе биде дел од неделиот повратен дуел со Грузија, кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“.