Еден од главните „виновници“ што ќе ја гледаме фудбалската репрезентација на Македонија на Европското првенство е секако предводникот на националниот тим, Игор Ангеловски. Популарниот Мрме неприкинато работеше цели шест години за историскиот пласман на нашата селекција на континенталниот собир, во кои успеа на совршен начин да го спои искуството и младоста, а воедно воведе дисциплина и хемија каква што немаше дотогаш.

Овој пат, за дневниот весник ВЕЧЕР ги откри своите очекувања за претстојното ЕП кога е во прашање нашата селекција.

  • Нормално, како секој селектор, така и јас посакувам што подобар пласман. Сакам да бидеме на ниво на кое сме изминативе години. Посакувам Европа и светот да нè видат во вистинско светло, односно дека имаме навистина квалитетни фудбалери, кои играат убав и современ фудбал. Тоа го покажавме на многу натпревари, пред сè на дуелот со Германија, а тоа ми дава надеж дека ако можеме против една таква велесила, можеме и на ЕП да направиме нешто големо, започна Ангеловски.

Непишано правило е дека стартниот меч игра многу важна улога на големите натпреварувања, но за селекторот Мрме, секој меч е од исклучителна важност.

  • За нас сите натпревари се клучни затоа што тоа се натпревари од Европско првенство и ние за прв пат сме учесници, така што за нас секој меч е од исклучително значење. Без разлика кој е спроти нас ние ќе го дадеме максимумот, додаде предводникот на „црвено-жолтите“.

Ангеловски исто така даде своја прогноза за тоа кој има најголеми шанси да се закити со златниот медал на ЕП.

  • Мислам дека Франција има најголеми шанси, но не ги исклучувам ниту селекциите на Италија, Германија, Шпанија, кои секогаш имаат фаворитска улога за највисок дострел. Исто така сметам дека една од селекциите кои исто така може да дојде до круната е Белгија, имаат навистина одлични играчи и негуваат феноменална брза игра, вели Ангеловски.

За на крај, Ангеловски потврди дека одредени репрезентации се во предност поради тоа што играат на домашен терен, како Холандија, Германија, Италија, Шпанија, Англија…

  • Секако дека тоа е предност, но во денешниот фудбал и не мора ништо да значи. Ова првенство се игра во различни градови, во зависност од пласманот, каде ќе патувате или ќе бидете домаќини, предноста е мала и незначителна, истакна Ангеловски за весникот ВЕЧЕР.

Мрме од 16 октомври 2015 година е селектор на македонската репрезентација, наследувајќи го тогашниот предводник на националниот тим, Љубинко Друловиќ, на кој му служеше како помошник. Тој уште пред тоа го покажа својот тренерски потенцијал, откако со Работнички стигна до плејофот во Лига Европа, на чекор од фазата по групи.

ФОТО: Петр Стојановски

Кристијан ТРАЈКОВСКИ