Селдин Салиу го освои првиот медал за Македонија во уметничко лизгање

217

Македонија има со што да се гордее и во уметничкото лизгање. Имено, петнаесетгодишниот Селдин Салиу од дебарското село Требиште освои второ место на Меѓународниот натпревар по уметничко лизгање во италијанскиот град Мерено.

За Салиу ова е прв настап за Македонската репрезентација во лизгачки спортови. Досега ја претставуваше Италија, во која беше шампион во уметничко лизгање и европски шампион во категорија кадети.

– Досега ја претставував Италија. Но, сега сум пресреќен, бидејќи сум член на Македонската федерација и гордо ќе го веам македонското знаме – истакна Салиу.

Петнаесетгодишниот Селдин Салиу од дебарското село Требиште освои второ место на Меѓународниот натпревар во уметничко лизгање во италијанскиот град Мерено.

За големиот успех на младиот Салиу, честитки преку својот фејсбук-профил испрати и претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски.

-Искрени честитки за 15 годишниот Селдин Салиу за освоеното сребро на меѓународниот натпревар во италијанскиот град Мерано, настапувајќи првпат како претставник на македонската федерација на лизгачки спортови. Селдин, се гордееме со тебе. Ти посакувам многу успеси во иднина, напиша Пендаровски на својот фејсбук-профил.

Младиот Селдо, како што го викаат блиските, првиот пехар го освои на седумгодишна возраст. Досега учествуваше на вкупно 44 натпревари во различни категории, не само во Италија, туку и во многу други земји. Осумнаесет пати досега се искачувал на највисокото место на подиумот, десет пати бил втор, а пет пати го освојувал бронзениот медал.

Во февруари 2015 станал регионален шампион на Венето. Потоа, во 2017 година се качи на пиедесталот како национален шампион, кадет на Купот во Торино. Неодамна е дел од Македонската федерација на лизгачки спортови.