Секој преговара со секого

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за весникот ВЕЧЕР, потврди дека разговорите со БЕСА деновиве се сè поинтензивни, но не даде потврда дека коалицијата е аминувана од двете страни. Ова ќе биде првата етнички различна коалиција во независна Македонија, а според најавите, партиите најверојатно ќе се обединат околу една платформа и ќе настапат со заедничка програма. Засега е неизвесно, брифираат нашите извори, дали предизборно, во коалицијата ќе се вклучи и ДПА,  или пазарењата со Мендух Тачи ќе продолжат по изборите

341

Добитни места, етничка застапеност, ветувања за министерски места се на маса пред најновата коалиција СДСМ и БЕСА, која според  извори на весникот ВЕЧЕР, најверојатно ќе се официјализира до крајот на неделава. Ова ќе биде првата етнички различна коалиција во независна Македонија, а според најавите, партиите најверојатно ќе се обединат околу една платформа и ќе настапат со заедничка програма.

Засега е неизвесно, брифираат нашите извори, дали предизборно, во коалицијата ќе се вклучи и ДПА,  или пазарењата со Мендух Тачи ќе продолжат по изборите.

Претседателот на СДСМ,Зоран Заев, најави дека до 9 март, односно пред партискиот предизборен конгрес, ќе се знае дали во коалицијата на СДСМ ќе влезат партии од албанскиот блок, за што веќе се водат разговори. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, тој потврди дека разговорите со БЕСА се интензивираат, но не даде потврда дека коалицијата е аминувана од двете страни.

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вчера изрази очекување дека СДСМ и опозициската партија од албанскиот блок БЕСА ќе формираат предизборна коалиција наскоро и заедно да настапат на парламентарните избори на 12 април.

– На движењето БЕСА и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија им посакувам се најдобро, им посакувам да се договорат за коалицијата, да излезат заедно на избори. По 12 април, откако ќе ги видиме резултати, ќе разговараме за евентуално коалицирање со партија од албанскиот блок. Гледам дека сега тие разговараат, заедно да блескаат. Јас ја користам оваа прилика да им посакам успех на двете партии, изјави лидерот на најголемата опозициска партија по состанокот со Македонско-турската стопанска комора.

Додаде дека постизборно, ВМРО-ДПМНЕ за евентуална коалиција ќе разговара со сите политички партии.

За време на викендот заседаваше Централното претседателство на ДПА. Пред почетокот на состанокот, партискиот лидер Мендух Тачи изјави дека ДПА засега преговара единствено со НДП на Весел Мемеди за евентуална соработка на изборите, но дека нема дијалог со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ.

Самостоен настап на изборите и освежување на кандидатските листи со нови лица, најавија интегративците на Али Ахмети. Од ДУИ велат дека приоритет им се евроинтегративните процеси на земјава.

Единствена извесна предизборна коалиција e во албанскиот блок. Политичките лидери на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, минатата недела официјално го потпишаа договорот за коалиција на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април и покрај тоа што  потенцираа дека „има сили кои без прекин работат против нивната коалиција“. Слоганот на нивната коалиција ќе биде „Една држава за сите”.

Според Изборниот законик, кандидатските листи за новиот десетти по ред парламентарен состав, ќе треба да бидат доставени до полноќ на 12 март.

(Ј.Ц.Г. )