Секој новоизграден објект да обезбеди велосипедски паркинг   

198

Паркинг за велосипеди пред секој новоизграден објект ќе го поттикне користењето на точакот како алтернативно средство за превоз. Меѓу предлозите е и искористување на потенцијалот на реката Вардар како клучна велосипедска магистрала која ќе го поврзе цело Скопје, но и околните населени места, па дури и Европа како дел од Еуро вело рута 11 која тргнува од Норвешка, па сè до Грција 

 

Да се донесе Генерален урбанистички план на Скопје кој нема да планира зголемен степен на моторизација, туку зголемено користење јавен превоз, пешачење и користење велосипед, со сите стандарди и обврзни членови вградени во него, како и да се донесе одлука на ниво на Град Скопје дека секој новоизграден објект мора да обезбеди велосипедски паркинг, се само дел од предлозите на групата скопски велосипедисти „На точак“ до градските власти со цел поттикнување на возењето велосипед како алтернативно средство за превоз.

Меѓу предлозите е и искористување на потенцијалот на реката Вардар како клучна велосипедска магистрала која ќе го поврзе цело Скопје, но и околните населени места, па дури и Европа како дел од Еуро вело рута 11 која тргнува од Норвешка, па сè до Грција.

Освен тоа, од групата „На точак“ предлагаат и сите новопланирани мостови (АСНОМ, Љубљанска, Климент Охридски, Илинден) и булевари што ќе се градат во иднина да вклучуваат задолжително пешачка и велоинфраструктура, како и современи решенија вградени во самиот дизајн на мостот за директен пристап со рампи и скали кон кејот за пешаци и велосипеди.

– Во Скопје за стандардна брзина за движење на возилата да биде 30 километри на час. За поголеми брзини, улицата да мора „да заслужи“ со издвоена пешачка и велосипедска инфраструктура – потенцираат од „На Точак“.
Предлагаат и потпишување соработка со десетте скопски општини за заедничка работа на реализирање на проектот „Скопје велоград“, воведување на можности за транспорт на велосипед со возилата на операторите за јавен транспорт, како и воведување на автоматизиран систем за споделување на велосипеди итн.

– Кога зборуваме за велосипедски политики не мислиме на сегменти обоени со зелена боја или патеки на кои се поставени контејнери. Да, реалноста се гради сегмент по сегмент, чекор по чекор, ама големите одлуки треба да се донесат што поскоро зашто сведоци сме дека паралелно на позитивните чекори, постојано имаме и чекори назад. Во ситуација на климатски хаос, огромно загадување, физичка неактивност на населението, небезбедност во сообраќајот итн., приоритетите мора итно да се променат – потенцираат од „На точак“.

Овие предлози од групата укажуваат да се земат предвид при носење на програмите и буџетот на Град Скопје за 2020 година, со што би се обезбедила поголема безбедност во сообраќајот.
(А.П.)