Секој ден од ОХИС се враќавме со главоболки, лошење и повраќање, но си велевме, некој и тоа мора да го работи!

363

Поранешен инженер технолог за ВЕЧЕР открива како се работело во ОХИС. Таа вели дека генерации ќе страдаат од тој линдан. – Како многу опасен Германија го исфрли од употреба пред 30 години и го забранија, кај нас продолжи да се произведува бидејќи одеше за извоз. За остатокот од линданот има различни шпекулации, но што е точно ретко кој знае. Сум слушнала дека во Пелинце нешто е закопувано таму од тие остатоци од производството. Колку е ова точно, не знам. Велат дека има закопувано нешто и меѓу Пинтија и Драчево, вели за весникот ВЕЧЕР поранешна вработена, инженер технолог во пензија. Таа ни раскажа за искуството кое го имала работејќи 6 години во хемиската лабораторија каде се испитувале мономерите на опасните супстанци

Некогашни работници во ОХИС, некој подолго, некој пократко го поминале работниот век во непосредна близина со опасните хемикалии. Поголемиот дел од нив биле дел од производствениот процес и имале директен допир со хемикалиите.

Поранешна вработена, инженер технолог во пензија, се јави во весникот „Вечер“ и го сподели искуството кое го имала работејќи 6 години во хемиската лабораторија каде се испитувале мономерите на опасните супстанци за кои јавноста дозна по инцидентот минатиот петок. Таа раскажа дека како млад технолог знаела дека екипата од десетина техничари и инженери во лабораторијата работат со опасни хемикалии, но не обрнувале внимание на заштитата.

– Во лабораторијата каде се испитуваа сите мономери на акрилонитрит, метил акрилат, на винил хлорид работев од 1976 до 1982 година. За да го испитаме квалитетот на овие мономери се одеше на лице место каде беа складирани во погоните и без заштита земавме примероци. Зборувам за периодот од пред 40-ина години и сега кога говорам од оваа дистанца се чудам како сме можеле да работиме со опасни материи, канцерогени, а да не внимаваме на тоа. Веројатно сме сакале само да си ја завршиме задачата која ни беше дадена – кажува оваа поранешна вработена.

Огромни количини на опасниот винил хлорид во моментов се складирани во 14-тонска цистерна во кругот на ОХИС. Станува збор за високотоксичен гас, кој кога ќе се пушти да истече, е во течна состојба.

– Одевме на лице место каде се складираше винил хлоридот. Се сеќавам дека ни кажуваа дека тоа е темпирана бомба, ако експлодира, Скопје ќе отиде. Се чуваше под притисок во огромни балони со пречник од 10 до 15 метри. Мораше примерокот за анализа да го земеме од излезот на балонот и мораше винил хлоридот да протече. Овој мономер има слаткаст мирис, всушност не мириса лошо за да те натера да се заштитиш или да се тргнеш на страна да не го вдишуваш. Се пушта да протече една-две минути, па потоа се затвора садот од кој сме го зеле примерокот. Потоа вршевме анализи соодветно пропишани по стандардите. Кога ќе завршевме со анализата, примерокот го испуштавме во атмосферата – раскажува таа.

Од работниците во погонот каде се произведувал овој мономер дознала дека винил хлоридот има голема моќ на чистење.

– Да ставиш маслосана облека потопена во винил хлорид, ќе биде како перена од хемиско чистење. Дури и самата гледав како работниците си ги чистеа алиштата, што е незамисливо сега по сознанијата што ги имаме – нагласува таа.

Се чуди зошто досега не е дислоциран винил хлоридот бидејќи во Панчево има потреба од таква суровина.

– Не знам зошто не е однесен досега. Винил хлоридот е мономер и од него се прави пластика – вели оваа жена технолог.

За разлика од винил хлоридот кој е пријатен на мирис, во лабораторијата се испитувале и метил акрилатот и акрилонитрилот кои многу смрделе.

– Секоја цистерна кога ќе дојдеше во погон, ни носеа примероци во стаклени шишиња. Конкретно јас бев надлежна да ја работам таа анализа. Со микрошприц земав примерок. Некои анализи се правеа на отворено. Истураш од шишето 100, 200 милилитри од супстанцата, значи сме доаѓале во директен контакт. Реагенсите со кои се вршеа анализите и тие беа миризливи. Метил акрилатот многу лошо мириса, така што самото тоа нè тераше да работиме во дигестар и да се заштитиме. Кога ќе завршевме со анализите, примероците ги фрлавме во буриња, а каде, пак, нив ги носеле не знам, веројатно повторно ги враќаа во погон – нагласи таа.

Вели дека постојано имала главоболки кога ќе се вратела од работа, а слични симптоми имале и другите во лабораторијата.

– Имав главоболки, лошење, некогаш и повраќав. Не обрнував внимание на тоа, знаеш дека работиш со такви материи, дека некој мора тоа да го работи. Си се определил за таа струка и го работиш – вели оваа жена.

Во тоа време немало редовни систематски прегледи.

– Додека јас работев таму, немаше. Сите тогаш бевме млади. За шесте години кога работев во ОХИС, не паметам дека некој од вработените бил на систематски преглед, освен дека им даваа млеко како превентива. Во рамки на фабричката исхрана, сите добиваат по едно јогуртче, ние во хемиската лабораторија добивавме по две. Таа привилегија ја имавме бидејќи се сметало дека млекото го чисти организмот од отровите, но сегашните сознанија не се такви – раскажува таа.

Особено е загрижена што досега не е отстранет линданот за кој вели дека е опасен пестицид.

– Генерации ќе страдаат од тој линдан. Како многу опасен Германија го исфрли од употреба пред 30 години и го забранија, кај нас продолжи да се произведува бидејќи одеше за извоз. За остатокот од линданот има различни шпекулации, но што е точно ретко кој знае. Сум слушнала дека во Пелинце нешто е закопувано таму од тие остатоци од производството. Колку е ова точно, не знам. Велат дека има закопувано нешто и меѓу Пинтија и Драчево – кажува таа. 

За заштита на вработените од дејството на хемикалиите, ништо не било сменето подоцна откако оваа жена заминала од ОХИС. И други вработени сведочат дека по 2001-2002 година, условите за работа уште повеќе почнале да се влошуваат. Работниците во погоните почесто оделе на боледување. Некои се веќе починати, а другите се жалат на проблеми со дишните патишта, имаат чести главоболки, преживеале срцев удар и нервни пореметувања.

И покрај тешките услови во кои работеле овие луѓе, државата со години им должи 24 плати. Велат дека нема да се откажат од тешко заработените пари.

(С.Бл.) – фото: Н.Батев