Секој ден во рацете држиме отров, а државата проверува дали може да се укинат фискалните

Претседателот на Комората на сметководители Драган Митковски појаснува дека во ЕУ е дозволен преоден рок од шест месеци за да можат производителите и дистрибутерите да се прилагодат или да почнат да користат термичка хартија која не ја содржи оваа хемикалија. Таму забраната стапи на сила од 1 јануари и засега подразбира само исклучување на штетната хемикалија од термичката хартија, односно таа не смее да биде присутна во повеќе од 0,02 процента. Во соседна Србија забраната ќе почне да се применува од јули годинава.

122

Министерството за финансии ја разгледува можноста за укинување на фискалните сметки, по алармот од сметководителите дека хартијата на која се печатени е отровна и во Европската Унија е веќе забранета.

-Ја разгледуваме новината воспоставена од Европската Унија за и ние да се усогласиме и доколку анализите утврдат дека можеме што поскоро да го направиме тоа, ќе пристапиме и ние кон истото. Разговараме со Управата за јавни приходи, ќе ги погледнеме сите услови, не само поради усогласување на стандардите со Европската Унија, туку, секако на прво место е здравјето на граѓаните и зачувувањето на животната средина, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори викендов објави застрашувачка информација дека хартијата на која се печатат фискалните сметки ја содржи опасната материја бисфенол А или БПА и побара од надлежните институции итно да расправаат за забрана на таквата хартија.

– Оваа штетна хемикалија е утврдена како предизвикувач на сериозни здравствени проблеми како срцеви заболувања, дијабетес, неплодност, рак на дојка и простата, хормонски и ендокринолошки заболувања, а претставува и голем ризик за здравјето на децата. Бисфенолот А е една од најкомерцијално достапните хемикалии што се користат во производството на термичка хартија како развивач на бои. Согласно истражувањата, концентрацијата на бисфенол А во фискалните сметки е до 40 пати поголема од дозволената и се движела од 0,62 до 0,91 отсто, а според стандардите дозволено е само 0,02 отсто, велат од ССК.

Тие препорачуваат во најкраток рок по примерот на ЕУ да се забрани употребата на оваа хемиска материја и да им се даде рок на државните институции, приватниот сектор и трговските објекти да ги заменат артиклите кои содржат штетни материи со нови кои не содржат вакви материи.

Претседателот на Комората на сметководители Драган Митковски појаснува дека во ЕУ е дозволен преоден рок од шест месеци за да можат производителите и дистрибутерите да се прилагодат или да почнат да користат термичка хартија која не ја содржи оваа хемикалија. Таму забраната стапи на сила од 1 јануари и засега подразбира само исклучување на штетната хемикалија од термичката хартија, односно таа не смее да биде присутна во повеќе од 0,02 процента. Во соседна Србија забраната ќе почне да се применува од јули годинава.

Прва земја која го забрани користењето на опасните хемикалии во термичката хартија е Швајцарија, каде забраната почна да се применува лани летото. Но, дискусиите за БПА почнаа во 2011 година, откако Данската агенција за заштита на животната средина објави дека до 80 проценти од сметките на касата во Coop Danmark биле направени од термичка хартија. Веднаш потоа CoopDanmark ги отфрли 12-те групи на супстанци и хемикалии од сопствени производи до крајот на 2017 година, меѓу кои и бисфенол А.

Здравствените организации препорачуваат веднаш по контакт со фискални сметки да се мијат рацете, да не се ставаат сметките во кесите со храна, да не се дозволува децата да доаѓаат во контакт со нив, а оние кои на работното место редовно се во контакт со фискални сметки, да носат ракавици.