Секој граѓанин создава 452 килограми отпад годишно и не го интересира каде завршува

72

Годишно секој жител на Република Македонија создава по 452 килограми отпад, но ретко кој го интересира каде понатаму завршува неговото ѓубре. Според Државниот завод за ревизија во 2020 година вкупното количество на создаден комунален отпад изнесувал 913.000 тони, а биле собрани и транспортирани 630.000 тони, што значи дека 283 000 тони отпад граѓаните го создаваат, а институциите и претпријатијата не успеваат да го соберат и депонираат на постојните депонии.

– Да не се чудите кога ќе поминете на места како Смилковско, Јурумлери и други рурални области и ќе си го видите вашиот отпад – велат Зелените од Гази Баба.

На национално ниво, селектирани се вкупно 11.630 тони пластика, 10.513 тони хартија, 10.112 тони текстил, 3.454 тони стакло, 1.946 тони метал и 1.000 тони гуми.

Според министерката за животна средина, Каја Шукова, сите мораме да соработуваме и секој да биде одговорен во ланецот на управување со отпадот за тој да стане ресурс, а не ѓубре.

– Преку воспоставување на добра и отворена комуникација, размена на искуства и предизвици со кои се соочуваат сите чинители во процесот со управување со отпад во спроведувањето на законите од областа и проширената одговорност на производителите ќе си помогнеме едни на други во поуспешна имплементација на законите и исполнување на националните цели за собирање на отпад – изјави Шукова на работилницата што во организација на Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија се одржа во Струмица.

Таа потсети дека ресорното Министерството има издржани планови и политики поткрепени со силен сет на еколошки регулативи во кои е предвидено преземање на акција во секоја фаза од производството и потрошувачката, но потребна е силна општествена одговорност и на производителите и на потрошувачите, промена на целокупниот концепт и пристап во областа при што ќе зборуваме за управување со ресурси, а не со отпад или ѓубре, но и усогласување и обезбедување на услови за секоја и најмала општина за селекција, собирање и рециклирање на отпадот.

– Не треба да криеме дека има проблеми во воспоставувањето на системите, бидејќи тие се комплексни и секако во насока на унапредување на оваа законска регулатива, но и со колективните постапувачи и затоа треба да седнеме заедно за да видиме како поефикасно да работиме,посебно во делот на проширената одговорност на колективните постапувачи и она што го прибираме ние како држава и тие како да го вратиме кон граѓаните – истакна таа.

Каја Шукова, министерка за животна средина

Филип Иванов претседател на Асоцијацијата истакна дека ваквата соработка и усогласување меѓу различните актери во системот на управување со отпад е многу важна. Секој треба да биде одговорен во извршување на обврските, како производителите, така и потрошувачите доколку сакаме да се справиме со отпадот. Според податоците од над 70.000 регистрирани компании само 1.600 плаќаат надоместок за отпадот што го создаваат при производство на производите што ги пласираат на пазарот.

– Договорена е заедничка и координирана работа на Министерството, инспекциските служби, Царинската управа и Управа за јавни приходи за да се надминат аномалиите во функционирањето на системот во кој доколку секој ја исполнува својата обврската ќе се поттикне развојот на пазарните услови за работа од што сите ќе имаме бенефит и секако чиста животна средина – рече Иванов.

(С.Бл.)