За секоја зграда личен контејнер

336

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов најави дека има намера големи канти за отпадоци да постави за колективните згради. – Немам видено дека околу кантите што стојат пред оградите на куќите некој да прави депонија, бидејќи ја чувствуваат како своја, вели Шилегов. Тој најави дека кон крајот на оваа или на почетокот на наредната година, во еден дел на градот на граѓаните ќе им се даде понуда да го делат мокриот од сувиот отпад

 

Кон крајот на оваа или на почетокот на наредната година, во еден дел на градот на граѓаните ќе им се даде понуда да го делат мокриот од сувиот отпад. Ова денеска го најави скопскиот градоначалник, одговарајќи на советничко прашање до каде е имплементацијата на новиот концепт за третман на отпадот.

Тој истакна дека новите контејнери и корпи за отпадоци, како и машини за чистење е само почеток на тоа што во иднина ќе се реализира на полето на одржувањето на хигиената и чистотата во градот.

– Веќе се работи на тендер за надградување на овој концепт. Финалната цел е некаде за пет години од сега во Скопје да имаме целосен систем за селекција и третман на отпад. Ќе кажете зошто толкав период. Тоа е затоа што треба да се обезбеди инфраструктура, контејнери и корпи за отпадоци. Притоа, кон крајот на оваа година или на почетокот на наредната ќе им се даде можност на граѓаните за селекција на отпадот – изјави Шилегов.

Тој додаде дека на тој начин секој ќе има лично место каде ќе може да го фрли отпадот. Канти за отпадоци тој има намера да постави и за колективните згради, бидејќи смета оти контејнерите се најголем проблем.

– Во дел од градот имаме индивидуални канти за отпадоци. Немам видено дека околу кантите што стојат пред оградите на куќите некој да прави депонија, бидејќи ја чувствуваат како своја. Тоа нешто ќе го направиме и за граѓаните каде што има колективно домување – најави Шилегов.

Тој вели дека намерата е цело Скопје да се внесе во системот на селекција на отпад, а тоа ќе биде полесно откако со „Дрисла“ ќе управува Градот, односно откако ќе стане јавно претпријатие, а надеж за тоа има бидејќи е добиено решено со кое е уважена жалбата на Градот.

Кафулињата, рестораните, пиљарите ќе мораат да имаат сопствени канти за отпадоци

Градот подготвува нови измени на Правилникот за комунален ред, во рамките на кој, како што истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов, шутот ќе биде посериозно третиран.

– Градот доби согласност за унифицирана политика заедно со сите општини и очекувам проблемот со фрлање на шут и отпад на улиците да исчезне од нашите улици – истакна Шилегов.

Тој најави дека во втората половина на ноември ќе биде потпишан договор за  меѓуопштинска соработка, а веќе во текот на наредната година пиљарите, кафеаните и рестораните во рамките на својот деловен простор, двор ќе мора да постават 240-литарски канти за отпадоци и да склучат договор со јавното претпријатие „Комунална хигиена“, што ќе биде регулирано со измените на Правилникот за комунален ред кој многу скоро ќе се најде на гласање пред градските советници.

Со сметките за вода граѓаните ќе добиваат летоци за тоа како и каде да го фрлаат отпадот 

 Почнувајќи од денеска, со сметките за вода, граѓаните ќе добиваат упатство во вид на леток за тоа како треба да се собира сметот и каде треба да се одлага.

– Ова е со цел да се подобри хигиената во градот Скопје, а поттикнувањето на капацитетот, нудењето на алтернативи, едукација, а дури потоа треба да се казнуваат несовесните – смета скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

(А.П.)