Македонската одбојкарска репрезентација, денеска во 17 часот, го стартува походот по ново финале во Европската сребрена лига, а за таа цел популарните „Спартанци“, ќе мора да ја минат селекцијата на Хрватска, во рамки на Ф4 турнирот кој ќе се одигра во Струмица.

За натпреварите од Европската лига владата дозволи присуство на одреден број навивачи, па така, салата „Парк“ ќе биде исполнета со околу 500 гледачи, односно 30% од капацитетот поради протоколите за заштита од коронавирус. Билетите како дневни карти за двата меча ќе се продаваат по цена од 200 денари, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Либерото на Македонија, Дарко Ангеловски, посакува златен медал по трите сребра кои ги освоија изминатите години, а како што и самиот вели за ВЕЧЕР, верува дека публиката ќе им даде ветер во грб.

  • Атмосферата во репрезентатијата е одлична. Доста ни е од трите сребра кои ги освоивме, време е за злато. Дополнителен мотив е тоа што играме на домашен терен, во Струмица, пред публика. Мислам дека тоа ќе ни даде ветер во грб и ќе дојдеме до тоа финале кое го посакуваме. Одиме чекор по чекор, нема да биде лесно против Хрватска, но ако поминеме, кој сака нека ни падне. Имав неколку ситни повреди, прво со мускулот, а потоа и со половината, но ќе стегнам заби, сепак, секогаш „гинеме“ за Македонија, изјави Ангеловски.

ФОТО: Петр Стојановски

Либерото на „црвено-жолтите“ во последно време добива помала минутажа на теренот, но за него најважно е да се дојде до триумф.

  • Има мало недоразбирање за тоа зошто не сум со поголема минутажа на теренот, но тоа е. Сепак, играме за државата и најважно е да дојдеме до победа и да се закитиме со злато. Ништо освен најсјајниот медал не во нашите глави, додаде либерото на Македонија.

Покрај дуелот меѓу Македонија и Хрватска (17 часот), денеска ќе се одигра и второто полуфинале во кое силите ќе ги одмерат Унгарија и Данска (20 часот). Финалето и мечот за третото место се в недела.

Кристијан Трајковски