СЕИРЏИЈА, Љубомир Јованоски- КАРА: ОДМАЗДА

107

 

Најголема форма на движење на материјата – живот, најсложена и најзначајна појава во природата. Во животот, пороци и доблести како екстремно спротивставени страни. Меѓу останатите, се разбира. Динамика на постоењето, натпревар самиот со себе кај сложените ментални структури. Човекот, на пример. Тоа совршено суштество по многу параметри со кои ја обележува цивилизацијата и животот на планетата е мошне силна појава но и мошне кршлива, во исто време. Човекот е во вечна борба со самиот себе, поларизиран до крајни граници.

Да се вратиме на порочната страна која за жал е се поизразена иако и доблестите не попуштаат пред стампедото на спротивната страна. Случајност или не, сеедно, животот е поле за натпревар на спротивставеностите. Тие како да го прават многу интересен и таинствен, совршенство на појавите.

Еден од поизразените пороци за кои тешко се наоѓа чаре е комарот. Демек, од останатите горе – долу има спас ама од него никако. Народот сето тоа го објаснува на следен начин. Ако е во прашање пушењето, има навика ама има и одвика. Ако станува збор за алкохолот, е тука е малку потешко ама слично како и претходниот порок, има чаре и за него. Лечење, институти, лекарства, совети, психијатри и слично. За популарниот и се попопуларен „швалерај“ или борба на суети на индивидуите кои се заколнале на вечна верност ама со што покуси релации (оти јас сум кој сум па налет и деца и семејство во интерес на кариерата и професијата), имаше чаре, а тоа беа годините и гасењето на желбите. Но, човекот не мирува па од некоја си лабораторија ја извлече вијаграта со голем потенцијал кој прави се за да се остане без ум и разум. Се разбира, ќе ме обвинат за конзервативни разбирања на реалноста. Ама, нејсе.

Значи комарот е тој од кого нема враќање или тоа е мошне тешка операција поврзана со силината на менталниот состав на индивидуата која го применува овој атрактивен спорт. Знаеме од искуство пренесено преку медиумите или уметничките текстови во романите на познатите писатели како и од филмовите, дека неретко се случувало играчите со болна страст, преку ноќ да останат без домот над главата, имотот па дури и сопругите кои ги ставале во залог во играта. Но во сите тие приказанија, има и нитка на силен почит кон алеаторите (комарџии) кои се окарактеризирани безмалку и како херои со смелост и ризик достојни на еден авантуристички дух. Неретко ги сметаат за џентлмени, за трошкаџии и пријатни во друштво, посебно кога обилно се расфрлаат со пари. Но другата страна на тој лажен тријумф? Е, па време е за нашата сторија, почитувани.

– Дома си?

– Само што станав од спиење. Синоќа игравме голема партија и да ти кажам право, едвај извлеков жива глава.

– Изгуби многу?

– Успеав да се вратам во последен миг.

– Ја знаеш онаа нашата, не ми е криво што изгубив туку што ќе треба да се повратам од загубата – се смее.

– Имаме „гуски“ за вечерва. Како си расположен?

– Покер?

– Да, покер.

– Ги познавам играчите?

– Што е важно. Пред почетокот, јас и ти ќе ги штиклираме картите и повторно ќе ги спакуваме така да не можат да забележат ништо. Третиот е оној што мисли дека сме чесни играчи, а домаќинот веројатно ќе биде задоволен со „пикслата“ иако копнее по одмазда за сите досегашни партии во кои остана без добра пара.

Речено – сторено. Купените шпилови внимателно се вадат од пакувањата, се штиклираат со врвот од ноктите или со врв од игла, за потоа повторно да се спакуваат и да изгледаат како нови. Старомодно, што би се рекло ама врви. Се разбира, комарџиите имаат некаков чуден респект па ретко кога нема да ја прифатат сугестијата од другата страна за понудените шпилови. Или… навистина има луѓе кои не гледаат ништо ни пред себе ниту наоколу само за да си ја задоволат страста и притоа несвесно ја играат ролјата на „гуски“.

Партијата покер е закажана во блиското село. Таму никој нема да падне во очи па дури и да е јабанџија. Се разбира, автомобилите на дојденците зборуваат за некои конспирации ама што се вели „оттука влегло – оттаму излегло“ за ретките кои го населуваат местото.

– Добро ни дојдовте – ги пречекува домаќинот со широка насмевка.

– Добро ве најдовме – отпоздравуваат двајцата со штиклираните карти.

Малку подоцна, доаѓа и „гуската“ која мисли дека ќе се игра според правилата на ферплејот. Внатре, во одајата која треба да претставува приемна или салон, се е подредено на мегданот. Домаќинката, атрактивна плавуша, со мини здолниште до „газо“, што се вели. Ги пречекува со насмевка, а колковите ги врти небаре е чун на бурно море. На столот има и мезе и алкохол но никој не пофаќа. Оставаат за на крај. Домаќинката се сместува отстрана и дискретно и со мера ја изнесува изложбената понуда како би им ги скршнала погледите од картите. Се разбира, однапред разработена тактика со сопругот. Треската врие во играчите и тие молкум си ги заземаат своите места.

Договорени однапред, двајцата ортаци најпрвин губат колку само да ги навлечат „гуската“ и домаќинот кој исто така приличува на бела птица. Расположен, „гуската“ се почесто гледа во домаќинката. Не се рамнодушни ниту двајцата ортаци ама се воздржуваат. Ги чека поголема работа која во овие мигови ја надминува атрактивната женска убавина.

Времето одминува и ортаците лека полека го започнуваат својот успешен поход. Купчињата парички, се повеќе растат, а нервозата кај губитниците се зголемува. „Гуската“ повеќе и не гледа во домаќинката, а нејзиниот маж делува по малку изгубено. Не губи многу пари ама останува краток за износот за кој е подготвен да блефира со своите слаби карти. Станува, а по него и жена му. Излегуваат па потоа тој се враќа назад. Низ подотворената врата, поттура вреќа од која се слуша брмчење. Потоа ја заклучува вратата.

– Слушате? – ги прашува „гуската“ и гледа вџашено во вреќата.

– Оси! – грми еден од ортаците и веднаш бара чаре за излез од салонот.

– Не вреди, заклучил! – се надоврзува другиот притискајќи колку што може на кваката.

– Преку терасата!

– Скрши го стаклото инаку отидовме по јабана!

Скокаат од вториот кат. Секој на себе има белези од гневните оси. Сепак, успеваат да се спасат. Но долу ги чека полициски автомобил. Сакаат да му се одмаздат на домаќинот ама не смеат од полицајците. Влегуваат во автомобилите и што подалеку од селото.

– Ви благодарам, момчиња – домаќинот срдечно се поздравува со двајцата полицајци. – Ај што со денови ми ги празнеа џебовите туку не се дексаа кога се фалеа низ целиот град. – Одмаздата ми дојде како мевлем на рана. Секако дека парите ќе им бидат вратени, а вие повелете на тазе дивеч. Од мене комарџија повеќе нема да биде!

Човекот како да го имаше некаде прочитано воведот од оваа сторија…

Гостивар 2019