Седум златни, пет сребрени и една бронзена медаља се закитија 15 балерини на Европското првенство по танц во Москва

79

Балетското студио „АРТ БАЛЕТ“ од Скопје изминатиот викенд се закити со седум златни, пет сребрени и една бронзена медаља на Европското првенство по танц во Москва, Русија организирано од Светската Артистичка Танцова Федерација.

Станува збор за петнаесет балерини на возраст од 8 до 17 години, кои под раководство на балетскиот педагог Тамара Ѓурчиновска ја извојуваа големата победа. Македонските балерини достоинствено ги одбранија боите на македонското знаме и гордо ги примија наградите проследени со македонската химна.

На Европското првенство во Москва учество земаа над 22 држави од Европа и други континенти, 104 балетски студија и повеќе од 7.000 натпреварувачи кои се напреваруваа пред публика од над 70.000 љубители на танцот. Децата учесници беа оценувани од врвни професионалци од областа на танцот од сите танцови стилови, судии од: Русија, Белорусија, Холандија, Германија, Белгија, Италија, Полска, Чешка, Австрија, Филипините, Грција, Хрватска, Србија, Романија, Словенија, Ерменија, Црна Гора, Словенија, Швајцарија, Шведска, Македонија.

Балетското студио „АРТ БАЛЕТ“ втора година по ред ја претставува нашата држава на Европското првенство по танц во Москва. Минатата година „АРТ БАЛЕТ“ издвои голема победа на Европското првенство и се закити со три први места, едно второ место и едно трето место во модерен балет, џез балет и акробатика. Оваа година балерините од ова студио го потврдија минатогодишниот успех и се закитија со двојно повеќе титули.

Напредокот на овие млади таленти е од големо значење за балетското студио „АРТ БАЛЕТ“ кое има за цел да ги едуцира младите кадри да ја сакаат, негуваат и надоградуваат својата љубов кон танцот и културата.