Седум години од смртта на легендарниот Кемал Монтено: Неговиот македонски евергрин-хит “Кој да ти каже, Ивана“ е меѓу најслушаните ексјугословенски шлагери

297

Завчера се навршија седум тажни години од смртта на легендарниот сараевски музичар Кемал Монтено. Тој беше и славен интерпретатор на голем број свои хитови: „Сарајево љубави моја“, „Што сам ти скривио животе мој“, „Лаж, све је било лаж“, „Хиљаде бијелих марама“, „Душо моја”, “Лидија“, „Кад смо пошли ми у шуму“, „Напиши једну љубавну“, „Дуње и колачи“, а за групата „Амбасадори“ ја напиша култната песна „Земљо моја“. Некоја година подоцна, и мегахитот за Тереза Кесовија – „Моја посљедња и прва љубави“ со која победи Тереза на белградскиот интернационален фестивал „Месам“ во Сава центар. Има напишано песни и за Габи Новак, Арсен Дедиќ, Борис Новковиќ, Данијела Мартиновиќ… Колегите од естрадата нагалено го ословуваа со Кемица.

Во историјата на забавномузичката сцена ќе остане запаметен и по големиот македонски хит „Кој да ти каже, Ивана“, испеан на македонски јазик, на еден од макфестовските фестивали, а кој се најде на листата на 100-те најслушани ексјугословенски шлагер-песни. Беше чест гостин во Македонија, со своите незаборавни концерти, особено оние во скопската Универзална сала.

Во 1973 година, со Здравко Чолиќ, во Луксембург, ја претставуваше Југославија на Песна на Евровизија, со хитот „Гори ватра“. Со Здравко имаше успешна долгогодишна соработка, а првиот заеднички успех им беше со песната „Зелена си ријека била“.

Монтено почина во загрепската болница поради компликации по трансплантацијата на бубрег, на своја 67-годишна возраст. Компликациите настанеле поради висока температура и ослабен имунолошки систем. Но пред тоа преживеа инфаркт, а со години одеше и на дијализа, по што следуваше трагичната трансплантација на бубрегот. Имаше долгогодишен успешен брак со сопругата Бранка, со која ги има децата Адријана и Џани. (Д.М.)