Со возење низ скопските улици, со дружење во Градскиот парк, но и со потсетување на повеќе барање до надлежните институции и до градските власти, На Точак в среда со почеток во 17:30 часот, ќе одбележи седум години постоење во чии рамки се одржани 80 критични маси и десетици други настани, илјадници статуси и стотици дописи и состаноци.

Критична маса во Скопје, па и во другите градови, се профилираше како граѓански собир со јасни недвосмислени цели: подобри инфраструктурни услови за возење точак како превоз за сите граѓани од сите генерации и способности (не само за највештите и спортистите); градови кои се вело-пријателски, каде при планирањето на улиците, велосипедскиот е барем еднакво важен како автомобилскиот сообраќај, градови каде може да се стигне на точак безбедно и удобно од било која до било која точка без прекин; градови кои ги имаат здравјето, безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина како приоритет во своите сообраќајни и други политики.

-Нашите тркала во овие седум години направија многу револуции. Нашите идеи иако толку едноставни и логични, иако не се ништо ново и револуционерно, иако се сè повеќе популарни на европско и светско ниво, се сè уште револуционерни за нашите институции. Тоа се гледа во новите сообраќајни проекти (автопатски широки ленти низ градови, со огромни радиуси за автомобили, а смешен простор за пешаци и велосипеди), тоа се гледа во изјавите и дефилеата кои институциите ги организираат каде мешаат спорт и транспорт, тоа се гледа во нашите заглавени тротоари каде луѓето не можат да го остварат основното право на движење, тоа се гледа во бројот на сообраќајни жртви, тоа се гледа во копирањето на популистичката мерка субвенции без реални промени на терен, тоа се гледа во правилниците за урбанистичко планирање непроменети од времето на автомобилскиот бум минатиот век…, потенцираат од На Точак.
Тие на својот седми роденден ќе потсетат на најважните барања кои и досега биле упатувани до институциите меѓу кои: да се донесе Правилник за проектирање велосипедска инфраструктура (во процедура е, но треба да се посвети поголемо внимание и да се донесе поскоро зашто во меѓувремето се проектираат субстандардни патеки, особено во другите градови), Владата да ги обврзе сите поголеми градови да донесат План за одржлива мобилност и тие планови да бидат со реални мерки и обврски, а не само приказни, но и Стратегија за велосипедски сообраќај на ниво на држава, за градско, но и за меѓуградско поврзување. Таа би била целосно во насока на заложбите за чист воздух, но и за развој на одржливиот туризам.

Воедно, од На Точак бараат јавен превоз (особено железнички) каде ќе биде дозволено и поттикнувано превезувањето и комбинирањето со велосипеди. Сите нови возови и автобуси да имаат можност за превезување на велосипед, а старите да се адаптираат, потоа, поскоро донесување на Планот за велосипедски сообраќај на Град Скопје и прифаќање на нивните забелешки, современ автоматизиран систем за изнајмување велосипеди во Скопје, па и во другите поголеми градови, паркингот за велосипеди да биде задолжителен за сите нови објекти како што е задолжителен паркингот за автомобили.

-На едно место за автомобил собира 10 велосипеди, оваа обврска е смешно мала за инвеститорите, а ќе значи огромна практичност за жителите, објаснуваат од На Точак.

Исто така, од На Точак бараат донесување на Визија Нула по примерот на Шведска на национално ниво со цел намалување на бројот на жртви од сообраќај постепено до нула, во таа насока тие бараат и спроведување на патни диети на сите поголеми улици во Скопје и другите градови (стеснување на автомобилските ленти, некаде и намалување на бројот на автомобилски ленти, а воведување ленти за велосипеди, специјални ленти за јавен превоз, ослободување простор за повеќе зеленило, физички мерки за смирување на сообраќајот на сите улици низ цела држава, најпрво во околината на училиштата и градинките, а потоа по сите станбени улици.

Меѓу барањата се и поврзување на Скопје по текот на Вардар по целата должина од двете страни од западниот до источниот крај на градот, ослободување на прекините од градежни активности, доградба на патеки онаму каде што е потребно, поврзување со краци со останатата мрежи, повеќе велосипедски возливи рампи, повеќе пешачко-велосипедски мостови.

-Кејот на Вардар треба да биде нашиот велосипедски автопат. А текот на Вардар низ Македонија треба да стане велосипедска магистрала север-југ и дел од европската Еуро-вело мрежа како дел од Рута 11, сметаат од На точак..
Тие бараат и силна посветеност на полицијата во справување со проблемот со паркирање на пешачки и велосипедски површини, поскоро воведување на комунална полиција со цел попрактично решавање на овој проблем,  сообраќајните правила-теоријата и практичните вештини за возење велосипед да бидат задолжителен дел од наставната програма во основното образование, воведување на велосипедски сообраќајни полигони (трајни или мобилни во рамки на училиштата и трајни на локации низ градовите), да се посветат одреден број часови на односот кон ранливите учесници во сообраќајот, како и практично возење на велосипед во рамки на образованието во автошколите, како и сите институции, сите станбени и комерцијални објекти, како и сите јавни простори да бидат направени пристапни за тркалата, на инвалидските, детските колички и велосипедите.

-Потребна ни е институционална (р)еволуција која ќе го фати чекорот со предизвиците на 21 век: климатски промени, загадување, бучава, нездрав начин на живот, физичка неактивност, жртви во сообраќај. Давањето приоритет на пешачењето, возењето велосипед и јавниот превоз во пакет се многу значаен дел од решението на сите овие предизвици, реагираат од На Точак.
Тие повикуваат граѓаните да се приклучат в среда и заедно да ги упатат наведените барања.

(А.П.)