Седниците на крушевскиот Совет ќе се пренесуваат во живо

68

Се очекува наредниот месец седниците на крушевскиот Совет да се одржуваат во просторијата во горната училишна зграда и директно да се пренесуваат „онлајн“. Ова значи дека почна да се опремува просторијата за Советот на Општина Крушево, со опрема за пренесување на седниците во живо на „Фејсбук“ и на „Јутјуб“.

Според претседателот на Советот, Тома Петроски, со ова работата на Советот е потранспарентна и е поблиску до граѓаните.

-Конечно дојдовме до имплементација на иновативната алатка за пренесувањето на седниците на Советот во живо и со тоа го подигнуваме нивото на транспарентноста на советот. Граѓаните ќе имаат можност да ги следат седниците во живо, да ги прегледуваат по завршувањето и со тоа одблиску да се запознаат со нашата работа. Се заблагодарувам на Швајцарската агенција за развој и соработка, на УНДП како имплементатор и на сите советници кои зедоа учество во проектот. Работата на Советот станува поотворена, а советниците се поблиски до граѓаните – вели Петроски.

Тој нагласи дека за овој проект, советниците посетувале обуки за градење на капацитетите и се здобиле со знаења за подобро и поефикасно извршување на обврските.

Вградувањето на иновативната алатка за пренесување на седниците на крушевскиот Совет во живо е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, со Министерството зa финансии и со Заедницата на единиците на локалната самоуправа, како и на Здружението на финансиски работници и на UN Women.