Околу 30 реномирани уметници од 15 држави творат на 7. Меѓународен ликовен симпозиум „Струга 2022“ што од вчера до 29 јуни се одржува во Струга, во организација на здружението за уметност и култура „SILINDAR’T“.

Ументици од Турција, САД, Јужна Кореја, Романија, Израел, Австрија, Данска, Англија, Полска, Италија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија, како што соопшти организаторот, ќе имаат можност да се инспирираат од убавините на Охрид и Струга и да создаваат уметнички дела. – Симпозиумот е добра можност стружани, туристите и љубителите на уметноста да ги следат уметниците при креирање на крајниот производ, да видат како трансформираат бело платно во уметничко дело.

Ова се само неколку од карактеристиките на симпозиумот, бидејќи уметниците ќе соработуваат едни со други, со студенти, ученици кои ќе дојдат како посетители и ќе имаат можност да ги споредат како техничките така и теоретските знаења и искуства. Ќе се создадат нови пријателства кои ќе можат во иднина да се претворат во други сериозни и професионални соработки, вели организаторот. Во рамките на настанот, предвидено е одржување тркалезна маса со учесниците каде ќе се дискутира за состојбата на ликовната уметност, предностите и недостатоците на ликовните симпозиуми и колонии, а ќе бидат усвоени и конкретни заклучоци и препораки. На последната вечер, односно на 28 јуни предвидена е изложба со делата реализирани во текот на ликовниот симпозиум, на шеталиштето покрај реката Црн Дрим.