„Седеф“ е наслов на мултимедијалниот музички проект на Роџер Ино, кој овој четврток (20 часот), ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонија во Скопје. Во рамките на концертот ќе биде изведена авторска музика на овој британски пијанист и композитор, а присутните ќе имаат можност да слушнат нова музика во аранжман и оркестрација на Џијан Емин, кој воедно ќе биде и диригент.

Од Филхармонија посочуваат дека овој музички настан има мултимедијален карактер, па освен музика, ќе има и моќни визуализации, поезија, филм…

Како што истакна Роџер Ино, во Скопје доаѓа по трет пат, но првпат соработува со македонската Филхармонија, а со Џијан Емин имале креативна соработка неколку месеци претходно.

„Првпат работам со Џијан Емин и задоволен сум од нашата соработка. Со своите аранжмани и оркестрација тој успеа мојата музика, која е пасторална, многу суптилна и англиска да ја однесе на сосема друго место“, посочи Ино.

Инаку, тој е еден од највлијателните автори на светската музичка сцена, а заедно со својот брат Брајан Ино, како што посочи директорката на Филхармонија, Тина Иванова, се „татковци“ на т.н. амбиентална музика.

„Музиката на Роџер Ино е инспирација од бајките, пејзажите и освен што е пијанист и композитор, тој е и мултиинструменталист, поет сликар и истражувач. А дел од неговите истражувања се посветени на тоа дека музиката навистина може да ни ги врати сеќавањата“, посочи Иванова.

Своето задоволство од соработката со Роџер Ино ја искажа и македонскиот музичар и диригент Џијан Емин.

„Посебно ми е драго што сум дел од овој проект. Имав прилика во мојата младост многу да слушам музика од Роџер Ино и имам прекрасни спомени од тој период. Ваков тип на музика, амбиентална, лично многу ми одговара, а досега немам учествувано во ваков или сличен проект. Затоа конечно ова е прилика да ја претставуваме музиката што ја работевме изминатите месеци. Како што кажа и Роџер, генерално неговата музика е прилично пасторална, а јас како музичар сакам да си „играм“ со звуците и со начинот на кој музиката треба да звучи. Секогаш  сакам тоа што работиме да биде уникатно, ново, нешто што не сте го слушнале до сега. Се обидов музиката да ја однесам малку во некои други сфери и се надевам дека ќе и се допадне на публиката“, посочи Емин.

Инаку, критичарите велат дека естетскиот код на Роџер Ино не може лесно да се стави во рамка и дека музиката му е лизгава како риба, кога станува збор за каква било детерминација. Ино креира емотивни музички пејзажи. Вели дека го користи креативниот процес на декомпозиција во својата работа, дека го расчленува јадрото на музиката до нејзиниот последен атом, за да дојде до нејзината суштина. Соработувал со низа познати музичари како Лу Рид, со британскиот електробенд „The Orb“, со својот брат Брајан Ино… Автор е и на музиката за серијата наградена со „Еми“ – „State of the Union“, работена по сценарио на Ник Хорнби, во режија на Стивен Фрирс.

Изложба инспирирана од амбиенталната музика

Пред концертот, во 19 часот во фоајето на Филхармонија ќе се отвори изложбата „Посветло отколку без светлина“ на Стефан Шашков на која ќе бидат изложени дела инспирирани од амбиенталната музика на музичари како Брајан и Роџер Ино, Роберт Фрип, Харолд Бад, Даниел Лануа, и Мајкл Брук.

Секој серијал од овие слики е инспириран од некое од изданијата на овие музичари и ја отсликуваат аморфната природа на нивната музика. Делата претставуваат игра со тоналитети, бои и пристапи. (Д.Т.) Фото: Ѕ.Плавевски