Македонија отсекогаш изобилувала со талентирани спортисти кои неретко биле спречени, пред сè поради финансиски причини, да го покажат целиот свој потенцијал на големите натпреварувања. Но, она што го направи таеквондистот Дејан Георгиевски (22 години) на Олимписките игри во Токио е неверојатно.

Уште пред да тргне вети: „Одиме по медал во Токио“, а тоа ветување го исполни со сребро во категоријата над 80 килограми, што воедно е прв олимписки медал за Македонија по пауза од две децении.

Спортскиот херој на Македонија овој пат беше специјален гостин во весникот Вечер, каде откри многу непознати работи за јавноста.

Пред таеквондото дали имаше некое друго хоби?

Со таеквондо започнав да се занимавам уште од најмала возраст. Во школските денови имаше презентации и демонстрации што всушност претставува овој спорт и како се тренира. Така се роди љубовта кон таеквондото. Почнавме да тренираме, а сè потоа е историја. Претходно, еден период тренирав кошарка, но прекинав и потоа ме привлече атрактивноста на овој спорт.

ФОТО: Ѕвонко Плавевски

Од што сè се откажа за да дојдеш тука кај што си?

Имав премногу откажувања, но јас не го гледам тоа на тој начин. Во клубот нè научија и ни вметнаа една посебна дисциплина која ја применивме како начин на живот и уживаме во тоа. Несомнено е дека има многу откажувања, но ако го поделите времето како што е треба, сигурен сум дека ќе постигнете сè. Едноставно, ние уживаме на овој начин, другите на поинаков, ние не можеме да се водиме според нивниот, но и тие не можат да се водат по нашиот.

Потекнуваш од спортска фамилија, дали можеби твојата сестра Анамарија очекуваше да биде дел од екипата која ќе патува на ОИ во Токио?

Големи беа шансите и мојата сестра да се најде во Токио, но во квалификациите несреќно загуби. Сигурен сум дека на наредните ОИ во Париз и таа ќе биде дел од македонската делегација. Верувам во неа. Можеби заедно ќе ја израдуваме Македонија на ОИ во Париз. Таа освои бронзен медал на Светското јуниорско првенство, што покажува дека има големи шанси да дојде до олимписка норма за следните ОИ. Што се однесува до мојот брат, тој престана да се натпреварува, своевремено беше и балкански шампион, а моментно е капитен на клубот Бутел, каде воедно тренирам.

Ќе можеш ли да и откриеш на пошироката јавност што сè се случуваше во олимпиското село?

Го викаат село, но тоа е цел град со олимпијци. Само арените беа надвор од него. Нè носеа со автомобили и обезбедување. Не смеевме да излегуваме од олимпиското село, притоа не смеевме ниту да пиеме, ниту да се забавуваме, некои почнаа и да „збудалуваат“. Секој ден правевме корона-тест, кои беа спроведени преку плунка, а не ПЦР. Со нас носевме и две апликации, со едната нè следеа преку блутут и доколку некој заразен имаше во близина истата ни даваше сигнал. Исто така некои од олимпијците не беа навикнати да бидат затворени, почнаа да ги фаќаат „будалите“.

Кои се твоите цели за во иднина?

Следна цел ми е златото во Париз, затоа ќе кажам дека можеби е подобро што сега останав со сребрен медал. Затоа ќе имам поголеми апетити за следните Игри. Исто така следува Светското првенство во Кина, каде искрено се надевам дека ќе му се реванширам на Русинот.

Дали сте задоволни од соработката со Агенцијата за млади и спорт?

Сметам дека олимписките спортови треба да добиваат многу повеќе финансии. Треба стратешки да се поддржат талентите и во нив да се финансира. Талентираните спортисти најчесто се откажуваат поради финансиските проблеми. Задоволни сме од АМС, ни даваат ваучери, но секогаш може повеќе. Напоменувам, не се жалиме, но бараме да го добиеме она што ни следува врз основа на големите успеси кои ги постигнавме изминатите неколку години. Јас имам пет медали, од Европско првенство, Медитерански игри, Балканско првенство… Треба сè што сме докажале изминативе години да го добиеме од финансиска гледна точка за да биде мотивација за идните генерации дека на крај трудот ќе им биде награден. Ова не го правам поради пари, но би било во ред да имам безбеден живот во иднина, пред сè за да можам да обезбедам добри тренинзи, добри подготовки и сè останато. Многу е лошо некој натпреварувач да ги брани боите на нашата земја и сите подготовки и тренинзи да си ги плаќа сам. Фала му на бога, кај нас тоа не е така веќе подолг период. Јас сум и стипендист од Олимпискиот комитет и со тие средства покриваме некои работи неопходни за натпреварувањата.

Од твоја гледна точка дали таеквондото има иднина во Македонија?

Секако, бидејќи на квалификациите Филип Додевски на една минута до крај во првата борба, при водство, ја скрши раката. Ја продолжи борбата, но на крај загуби со еден поен разлика. Ако победеше, ќе му беше потребна една или две борби кои сигурно ќе ги добиеше за норма на Олимпијадата во Токио. На крај, тој што го победи Филип се квалификуваше и замина во Токио. Исто така има многу таленти и во помладите категории, кај јуниорите, во нашиот клуб, но и во останатите клубови. Сигурен сум дека на следните ОИ ќе имаме повеќе претставници.

Дали ти беше предност тоа што трибините во Токио беа празни, па немаше притисок од публиката?

Па не би рекол, бидејќи во Токио ќе дојдеа минимум десет луѓе кои ќе ме бодреа. Но, кога дознав дека нема да има присуство на навивачи, се обидов психички да се навикнам на таквиот мирен амбиент. Можеби тоа беше и подобро, бидејќи имав можност да ја слушнам секоја инструкција од тренерот. Малку изгледа чудно без публика, бидејќи никој не е навикнат на тоа салата да биде празна.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ