СДСМ со непартиски, ВМРО-ДПМНЕ со анонимни кандидати за пратеници

Низ партиските филтри се прават последните селекции, се премеруваат силите и се испитуваат ризиците до конечното дефинирање на листите со кандидатите. И двете партии во своите програми ветуваат подобар живот за граѓаните. И власта и опозицијата засега не откриваат дали носителите на листите ќе бидат искусни партиски кадри, како што досегашната пракса тоа го покажала. Од албанскиот блок велат, приоритет им е добивањето на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ пролетва. Велат наскоро ќе ги почнат анализите за пратеничките листи и ќе ги презентираат нивните кандидати

2255

Колку од досегашните пратеници повторно ќе се најдат на кандидатските листи за пратеници од опозицијата, засега е неизвесно. Низ партиските филтри се прават последните селекции, се премеруваат силите и се испитуваат ризиците до конечното дефинирање на листите со кандидатите. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека имињата на носителите на изборните единици опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави во периодот од 1 до 5 март. Имињата на останатите пратенички кандидати, како што информираше на прес-конференција, ќе се знаат до 10 март.

„Ќе има најголем дел луѓе кои за првпат би се нашле на пратенички листи, но ќе има и такви чие искуство е потребно во рамките на пристојно функционирање во Парламентот“, рече Мицкоски.

Извори од партијата велат дека во финална фаза е и партиската програма, а главниот фокус ќе биде посветен на економијата.

И двете партии во своите програми ветуваат подобар живот за граѓаните. И власта и опозицијата засега не откриваат дали носителите на листите ќе бидат искусни партиски кадри, како што досегашната пракса тоа го покажала.

Од албанскиот блок велат, приоритет им е добивањето на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ пролетва. Велат наскоро ќе ги почнат анализите за пратеничките листи и ќе ги презентираат нивните кандидати.

Листите со кандидати за пратеници се филтрираат и на „Бихаќка„. Оттаму велат дека во креирањето на изборните листи ќе се вклучат најзаслужните членови и функционери на СДСМ.

-Централниот одбор донесе одлука со која со Правилникот за изборот на кандидатите за овие парламентарни избори ќе се бира и работна група на надворешни експерти, адвокати, психолози, правници, докажани професионалци… поранешни функционери кои ревносно ја вршеле функцијата. Токму тие луѓе ќе бидат темелно вклучени и на раководството ќе ја понудат листата на кандидатите, изјави неодамна за медиумите генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

Оттаму велат дека во креирањето на листите со кандидати за пратеници ќе внимаваат и на родовата и етничката застапеност, а ќе има место и за нови имиња и млади кандидати. Во нивните листи, велат извори од партијата, се остава простор да има и непартиски кандидати.

Пратеничката во последниот парламентарен состав Јагода Шахпаска рече дека парламентарниот состав што го предводеше СДСМ ќе остане запаметен по клучните одлуки што нашата држава, Република Северна Македонија ја вратија на светската мапа, позитивен пример на Балканот и светот, членка на НАТО и на прагот да започне преговори со Европската Унија.

„Но, она што со гордост можам да го кажам е дека за пратеничката група на СДСМ и коалициските партнери граѓаните беа фокусот на нашето работење. Нивните секојдневни потреби, покачувањето на платите, социјалната заштита, намалување на казните, унапредување на стандардот, олеснување на условите за бизнис се дел од мерките со кои успеавме да го подобриме нивното секојдневие. Ние покажавме дека работиме во интерес на граѓаните и дека знаеме како идејата да ја преточиме во реалност. На 12 април граѓаните тоа ќе го препознаат и ќе се определат за СДСМ и нашите политики. И по 12 април продолжуваме да работиме со и за граѓаните“, истакна таа.

Според предвидените рокови, кандидатските листи треба да бидат доставени до полноќ на 12 март. Изборната кампања трае 20 дена, според роковникот на Државната изборна комисија ќе започне на 23 март, а ќе заврши на 10 април на полноќ.