СДСМ пред одлука за двојни избори напролет

74

На состанок на извршниот одбор СДСМ утре попладне ќе пресече дали со претседателските избори, ќе се одржат и предвремени избори. Одлуката е неизвесна со оглед на фактот дека раководството на “Бихаќка” и натаму е поделено, а премиерот Зоран Заев смета дека аргументите се на страната на реформите, наспроти партискиот предизвик за уште еден владин мандат.

Во исто време тече партискиот оглас за пријавување на кандидати за претседателските избори. Во партиското седиште на владејачката партија стигна и првата пријава за претседателски кандидат.Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов се пријави на отворениот повик на СДСМ за избор на претседателски кандидат.
Тој досега неколку пати бил амбасадор на Македонија во различни земји, меѓу кои и Берлин, Виена, Јапонија и Словачка.
Филипов вели дека влегува во трката за кандидат на СДСМ бидејќи своите ставови пред се за евроатлантската интеграција цени дека се поблиски до оние на владејачката партија.

Конечната одлука кој ќе биде кандидат на владејачката СДСМ, партијата ќе ја донесе на Конгресот кој ќе заседава на 3. март.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, според дел од медиумите се во најтесна конкуренција за претседателски кандидат. Сеуште е неизвесно дали конечната одлука што ќе ја донесе СДСМ ќе биде поддржана и од интегративците на Ахмети, со кого сеуште се преговара за можноста за консензуален претседателски кандидат.

Во СДСМ се уверени дека уште во првиот круг заедно со ДУИ ќе застанат зад еден кандидат, кој ќе биде прифатлив за двете страни.

Во опозициската ВМРО ДПМНЕ пак, во полн ек е внатрепартиската кампања на евентуалните кандидати за претседателските избори. 530 делегати во сабота ќе одлучат кој ќе влезе во претседателската трка за наследник на Ѓорѓе Иванов.
Според досегашните партиски проценки, најголем дел од гласовите ќе бидат поделени меѓу професорката Гордана Силјановска и пратеникот Влатко Ѓорчев.

Од опозицијата и понатаму инсистираат на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.
-Заев е исплашен бидејќи со заминувањето од власт институциите ќе бидат ослободени и ќе ги истражуваат криминалите на власта.
Затоа Заев и СДСМ бегаат од предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Доколку истовремено се одржат и парламентарни и претседателси избори за нивната регуларност ќе гарантира техничка влада и нема да може некзнето да се крадат стотици илјади гласови како на референдумот, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, предвремените парламентарни избори и техничката влада ќе го спречат и изборниот фалсификат за кој сме сигурни дека СДСМ го припрема со оглед на начинот на кој што беше спроведен референдумот за промена на името и локалните избори 2017-та година.