СДСМ го претстави кандидатот за градоначалник на Маврово-Ростуше

84

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на партиски собир во долнореканското село Ростуше го претстави кандидатот за градоначалник на општина Маврово-Ростуше, Медат Куртовски.

Пред сопaртијците и граѓаните од овој крај се обрати и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

– Локалните избори на 20 август се убава можност да покажеме дека сме сплотени и решени да избереме развојот и напредокот на Маврово Ростуше да продолжи, рече Ковачевски. Тој ја побара поддршката од граѓаните за Куртовски, бидејќи како што рече раководел добро со општината и постигнал многу добри резултати.

– Изградивме и целосно нова  градинка. Важни проекти се реализираа во Ростуше, Врбјани, Скудриње Леуново, но и во Трница, Жировница, Тресонче и на сите точки помеѓу. Со напорна и посветена работа, ги допревме и подобривме условите во сите населени места, рече претседателот Ковачевски пред граѓаните кои присуствуваа на вечерашната промоција.

Тој предочи дека програмата на новиот градоначалник содржи бројни проекти за иден развој на Маврово Ростуше.

– Затоа што досега многупати сме покажале дека не ги делиме општините на мали и големи, на рурални и урбани, туку дека инвестираме секаде рамномерно, за да се развиваат сите општини. А Маврово и Ростуше ќе продолжи да се развива со новата локална власт предводена од СДСМ и Медат, заклучи претседателот на СДСМ.

Кандидатот за градоначалник за уште еден мандат, Медат Куротвски, во обраќањето потсети на проектите што биле сработени претходно и најави делови од новата програма со која ќе настапи на изборите на 20 август.

– За четири години Маврово и Ростуше се развиваше како никогаш досега. Реализиравме проекти што остануваат да говорат за нас. Се потрудивме подеднакво да вложуваме во сите населени места, рече Куртовски.

Тој напомена дека во наредните четири години ќе се стави фокус на еколошката заштита и чиста животна средина преку изградба на канализациони мрежи и одржување на јавната чистота, санирање на основните училишта и овозможување на услови за инвестиции од областа на туризмот.

Куртовски нагласи дека во иднина општината ќе има заменик градоначалник од мавровскиот регион, а во советот на општината ќе има надворешни членови со право на говор но без прааво на глас за да можат да придонесат во развојот на нашата општина.

Како поважни проекти, тој наброја изградба на канализациона мрежа во Маврови Анови и водоводни линии или каптажи во повеќе населени места.

Во оваа општина се организираат избори за градоначалник трет пат, откако претходно, немаше доволна излезност, а вториот пат имаше само еден пријавен кандидат. Со општината раководи стариот градоначалник како владин повереник. На собирот се обрати пратеничката од редовите на СДСМ, Белкиза Зекири