Свињите нема повеќе да се вакцинираат против класична свинска чума

За прекинот на вакцинацијата, известени ќе бидат Европската унија и Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ, која се очекува во 2021 година да ни додели статусот на земја слободна од класична свинска чума

179

Вакцинацијата на свињите против болеста класична свинска чума требаше да престане во 2020 година, меѓутоа Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) одлучи тоа да го направи малку порано, па така од вчера свињите веќе нема да се вакцинираат, а ветеринарните друштва треба да ја повлечат вакцината од промет доколку ја имаат на залиха. Инаку вакцинацијата  е дел од активностите на АХВ за добивање на дозвола за извоз на свежо свинско месо на европскиот и светскиот пазар каде расте и побарувачката и цената на овој тип месо. Сега нашата држава од Европската унија треба да добие статус на слободна земја за извоз на свежо свинско месо на европскиот пазар.

-Примена на биосигурносните мерки на фармите е единствениот начин за заштита од болеста класичната свинска чума која од деведесеттите години не е присутна во нашата земја, но и од африканската свинска чума, која реално е поопасна, а која ја има и во земјите од регионот, изјави директорот Зоран Атанасов.

За прекинот на вакцинацијата, известени ќе бидат Европската унија и Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ, која се очекува во 2021 година да ни додели статусот на земја слободна од класична свинска чума.

За справување со оваа болест Агенцијата донесе и план за итни мерки, а подготви и оперативниот прирачник за постапување во случај на појава на класична свинска чума.

– Континуирано се работи на едукацијата на фармерите, официјалните ветеринари и ветеринарните друштва, преку организирање на работилници, трибини и подготовка на информативно – едукативен материјал, велат од АХВ.

По престанување со превентивната вакцинација на свињите против класичната свинска чума, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со преземање на активности за брзо и навремено откривање на болеста.

Во АХВ подготвуваат спецификација за набавка на вакцина или да ја приклучат земјава кон банката на вакцини за оваа болест.

Агенцијата информира дека во 2018 година бил спроведен вонреден, а годинава и редовен попис на одгледувалиштата, во рамки на кој биле евидентирани вкупно 2.315 свињарски фарми со 125 илјади товеници.