Пред родната куќа на Блаже Конески денес се одржа свечениот настан „Блаже Конески, минато – сегашност – иднина“ во рамки на одбележувањето на два јубилеја: 100 години од неговото раѓање и 20 години од формирањето на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. На настанот беа промовирани книгите  „Конески инспирира и мотивира“ и „Граматичарот Конески“, како и преиздадените „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ и „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, a на весникот ВЕЧЕР е доделено признание за поддршката во афирмацијата на ликот и делото на Конески

„Блаже Конески не беше само човекот на нашето време, туку беше и е човекот на сите времиња, зашто неговото големо дело почива на цврсти темели и е долговечна визија, со интелектуална моќ да го создава тоа што е повик на историскиот миг, со постојано обновливи мудри пораки. Блаже Конески е наддржавен авторитет и народен мислител кој со своето големо дело ја задолжи нашата нација. Затоа на великаните како него не можеме да им се оддолжиме-ним треба секогаш да им се оддолжуваме! Блаже Конески нека биде светилник при разни премрежиња и бури во општествениот и културниот живот кај нас“, порача денес од пред Спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово Атанас Конески, секретарот на Фондацијата за македонски јазик, именувана по неговото родно место.

Пред родната куќа на Блаже Конески се одржа свечениот настан „Блаже Конески, минато – сегашност – иднина“ во рамки на одбележувањето на два јубилеја: 100 години од неговото раѓање и 20 години од формирањето на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. Таа е основана на 19. декември 2001г, на роденденот на Блаже Конески со цел да ја запознава јавноста со големото дело на академикот, поетот, есеистот, книжевниот историчар, филологот, професорот.

На настанот, во присуство на почитувачи на делото на Блаже Конески, од страна на професорот д-р Живко Цветковски беше промовирана книгата на Фондацијата „Небрегово“ „Граматичарот Конески“, како и преиздадените книги „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ (1945г) и „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ (1948г).

„Добро е познато дека во повеќе наврати Конески се осврнува на некои ненаучни толкувања или напади врз македонскиот литературен јазик од слависти или од политички идеолози во соседните земји. На оваа тема е и неговата антологиска полемика ‘По повод најновиот напад на нашиот јазик’, публикувана во 1948 година, како одговор на статијата на еден висок функционер на тогашната бугарска политичка гарнитура, објавена истата година во весникот ‘Работническо дело’. Во одговорот Конески дава достоинствен и аргументиран одговор за заблудите, за апсурдните и бесмислени негирања на македонскиот јазик во кои провејува политичка обоеност, особено засилена по објавувањето на злогласната Резолуција на Информбирото. Дека станува збор за чисто политичка инструираност, а не за каков и да е заснован аргумент против македонскиот јазик, Конески на самиот почеток на полемиката им ги ‘врзува рацете’ на знаменосците на антимакедонизмот во Бугарија…“, рече Живко Цветковски промовирајќи ја преиздадената книга „По повод најновиот напад на нашиот јазик“.

Како што истакна Цветковски, големината на проф. Конески се огледа, меѓу другото, и во неговите цврсто аргументирани ставови во полемиките со големите авторитети на бугарската лингвистика. „Попусти биле и се нивните безбројни и долготрајни обиди за докажување на бугарскиот карактер на македонскиот јазик. Уште во 1948 Конески визионерски го предочува брзиот развој на веќе стандардизираната форма на нашиот јазик чии корени досегаат далеку во средниот век. Затоа на крајот од оваа знаменита статија тој на негаторите им го предочува ефектот на бумеранг: ‘Но нивните поруги за нашиот јазик им се враќаат на глава. Нема нас во ништо да нè поколебаат’“, потсети Цветковски.

Воедно, на настанот беше промовирана и најновата книга под наслов „Конески инспирира и мотивира“, што претставува своевидна монографија за активностите на Фондацијата „Небрегово“ во изминатото 20-годишно постоење. „Во овој период во Книгата за впечатоци се содржани 728 записи и коментари од посетители, за улогата и значењето на Конески за македонскиот јазик, за нашиот идентитет и континуитет, со што се потврдува и насловот на оваа книга дека Конески вдахновено инспирира и мотивира. Оваа публикација е сведоштво за работата на Фондацијата за македонски јазик ‘Небрегово’ и за активностите во спомен-домот ‘Блаже Конески’, што ќе придонесе за зачувување и продолжување на ликот и делото на великанот“, додаде Атанас Конески и предложи да се воведе годишна награда насловена „Зборот на Конески“ за најдобра песна што ќе се доделува традиционално. Тој воедно истакна дека Управниот одбор на Фондацијата „Небрегово“ усвоил Декларација за континуирани активности во спомен-домот „Блаже Конески“ со неколуку трајни пораки, и тоа: Спомен-домот да стане култно место за националната култура; Ликот и делото на Конески да бидат показ, патоказ и инспирација и за идните генерации; Делото на Конески е тестаментално, зашто тој како наддржавен авторитет, остави траен печат во нашата културна ризница; Мислата од Конески дека „јазикот претставува единствена наша комплетна татковина“ е аманетот за сите генерации, а спомен-домот да биде меморијален и едукативен центар.

„Мислата на Конески дека ‘јазикот е единствената наша комплетна татковина’ со право е запишана во споменикот на Конески пред МАНУ, а искажана од Конески при промоцијата на книгата од Стаматоски ‘Борба за македонски литературен јазик’, на 29 март 1986 година. Јас само ќе додадам македонскиот јазик е аксиома-непобитна вистина и не смее да се доведува во прашање неговиот опстој и неговата иднина“, истакна Атанас Конески. Во рамките на настанот на повеќе институции и поединци, по повод овие два јубилеја, им е доделено пригодно признание и плакета. Признание за поддршката во афирмацијата на ликот и делото на Конески е доделено и на весникот ВЕЧЕР. (Н.И.Т.)