Двократниот светски шампион во сноуборд, Австралиецот Алекс Пулин, е пронајден мртов во својата татковина. Успешниот спортист, кој имаше чест да го носи знамето на Австралија на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година, е пронајден на дното на океан во близина на Златниот брег на Квинсленд во Австралија. Неговото неподвижно тело било забележано во водата од нуркачи.

  • Тој бил на риболов со харпун. На брегот го донеле минувачи, а таму спасувачите и лекарите се обиделе да го оживеат, но безуспешно, истакна портпаролот на итна помош на Квинсленд.

Јавноста во Австралија е целосно шокирана, затоа што не е јасно како настрадал 32-годишниот спортист.

Алекс неодамна на социјалните мрежи објави фотографиите од неговите авантури во океанот. Тој бил обожавател на сурфање и подводен риболов.

  • Алекс беше омилен член на нашата организација и многу ќе ни недостасува. Неверојатен спортист, сакан член на националниот тим и вистински пример за сите. Многу ќе ни недостасува, истакнаа од Олимпискиот комитет на Австралија.