На традиционалниот датум, 12 јули, светски познатата виолинистка и атракција меѓу музичарите Ванеса Меј ќе го отвори Охридско лето. Таа ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет под диригентство на Иван Кожухаров.

Ова е 59. издание на фестивалот Охридско лето, а концертот на Меј ќе се одржи на Античкиот театар.

Како што соопшти директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ, веќе се завршени подготовките во делот на програмата за ова издание на еден од најстарите фестивали.

Освен ова, театарскиот дел, како што најави Александар Поповски, ќе му биде посветен на неодамна починатиот драмски писател Горан Стефановски.

-За него Охридско лето беше нешто посебно, Охрид беше нешто посебно, и мислам дека треба да најдеме начин, и уште барам вистински начин, како да му се оддолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас, рече Поповски.

Новина годинава ќе биде воведувањето туристички водич за уметниците учесници на фестивалот кои на овој начин ќе се запознаат со културното наследство и историските знаменитости на Охрид.